Симон Трпчески концертира во Нов Зеланд и Австралија
Со концертот во престолнината Велингтон, нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески ја започна турнејата низ Нов Зеланд и Австралија, со која ќе ја заокружи оваа исклучителна сезона.
По првиот од серијата концерти насловени „Моќ и страст“, Трпчески за Македонското радио изјави:
„Турнејата со одличниот Новозеландски симфониски оркестар под раководство на маестро Васили Петренко ја започнав во полната сала на „Мајкл Фаулер центарот“ во главниот град Велингтон.
Концертот што мина одлично беше снимен од Радио Нов Зеланд. На програмата беше Концертот број 2 на Лист кој ми е навистина драг и многу ми е мило што имав можност по пауза од повеќе од години да го вратам во репертоарот и да му се радувам. Турнејата продолжува веќе во среда (15 јули) со концертот во Крајстчрч, а потоа и во Оукленд (17 јули) и Хамилтон (18 јули). Би сакал повторно да ги поканам и нашинците кои ме поддржаа на претходните две посети на Нов Зеланд да повелат и на овие концерти доколку имаат можност.
По Нов Зеланд, продолжувам со својата петта посета на Австралија. Тој дел од турнејата ќе го започнам заедно со Сиднејскиот симфониски оркестар во познатата Опера Хаус во Сиднеј со 3 концерти, на 22, 23 и 24 јули. По избор на австралиските промотори, на програмата овој пат ќе биде еден од најпопуларните концерти – „Првиот….“ на Чајковски. Понатаму, во предвечерието на нашиот празник Илинден, на 1 август продолжувам на концерт во Аделаида со Симфонискиот оркестар на овој град, а потоа ќе следат и трите концерти во Мелбурн (на 7, 8 и 10 август), од кои два ќе бидат во „Хамер Хол“ заедно со Мелбурншкиот симфониски оркестар.
И на австралиската турнеја ќе настапувам под диригентската палка на маестро Петренко со кого имаме подолга успешна соработка. Би сакал уште еднаш да ги поканам и нашите иселеници и особено вљубениците во класичната музика во Австралија на овие концерти и на ваков начин да го прославиме нашиот голем празник Илинден. Со овие настапи ја завршувам тековнава концертна сезона и одам на заслужен одмор пред да се вратам и во Македонија и да ги започнам подготовките за следната сезона во која ќе има многу интересни концерти“ – истакна Трпчески во изјавата за Македонското радио.
Инаку, турнејата низ Нов Зеланд и Австралија е одлична завршница на уште една импресивна концертна сезона на нашиот виртуоз на пијаното, а која се надоврзува на настапите во најпрестижните концертни сали и со водечки светски оркестри и диригенти во Швајцарија, Холандија, Австрија, Велика Британија, Германија, Соединетите американски држави, Русија, Полска, Шпанија, Исланд и Италија, реализирани само во првите шест месеци од 2015 година.
Извор: Радио Канал 77