Спектакуларно затворен „Д фестивал“ со рекордна посетеност
Тридневната фестивалска магија во Дојран беше спектакуларно затворена со настапот на најголемото име на овогодинешната програма, добро познатиот Ману Чао кој гостуваше придружен од составот Ла Вентура.
Со преку 10.000 посетители дојдени само поради концертот, Д-фестивалџиите го преполнија Дојран. Започнувајќи од целосно исполнетиот фестивалски камп, до туристичките капацитети кои беа искористени до последно место, па дури и крајбрежните тревници и автомобилите за авантуристите задоволни и со вреќа за спиење, Дојран веројатно никогаш не доживеал толкав број на туристи во својата историја.
Добрата забава беше успешно распределена на двата главни пункта: кампот и главната концертна бина. Најслободните фестивалџии започнаа да се укотвуваат во кампот уште во четвртокот, за веќе до првата, односно втората фестивалска вечер и доаѓањето на викендот, да нема апсолутно ниту едно слободно место во означениот камперски простор. Иако тесно прилепени и ограничени во удобноста, камперите понесени од позитивната фестивалска енергија, со насмевки на лицето уживаа на Москито сцената, во слободните едукативни активности, капењето во езерото, па дури и чекајќи во редот за тушот.
Првиот ден на главната сцена започна со неколку македонски состави: Фјурион, Новиот Почеток, Културно Уметнички Работници и Point Blank, за потоа да следи огномет во позадината на звуците на Електрични Оргазам, атмосферата да се вжешти со енергичниот настап на Бед Копи и публиката да експлодира во денс сетот на ултра познатиот и актуелен диџеј Вилкинсон.
Веќе со доаѓањето на викендот, втората фестивалска вечер беше комплетно распродадена и организаторите мораа да го прошират концертниот подиум на паркингот Гранит. Публиката ги проследи настапите на Фулиш Грин и српските ЗАА, потоа етно звуците на Љубојна Брас Фантази, за да се префрли на урбаните диско звуци на ПМГ Колектив, и кулминира атмосферата на фантастичните настапи на Фолтин и ѕвездата на вечерта, Кирил Џајковски придружуван од ТК Вондер
Извор: Локално.мк