Осми март – Право на еднаквост
Секој 8 март ширум светот, на Меѓународниот ден на жената, се слави женската борба за економски, политички и социјални права.
Се започнало кога жените вработени во индустријата за облека и текстил јавно демонстрираа на 8 март 1857 година во Њујорк поради лошите услови за работа и ниските плати. Демонстрациите биле растерани од полицијата. Истите тие жени формирале синдикат два месеци подоцна. Протестите продолжиле и во следните години, од кои најпознат бил во 1908 година, кога 15.000 жени марширале низ Њујорк во потрага по пократко работно време, подобри плати и демократско право на глас и за жените.
Првиот Национален ден на жената бил одбележан на 28 февруари 1909 година во Соединетите Држави по декларацијата издадена од Социјалистичката партија на Америка. Следната година била организирана првата меѓународна конференција на жените во Копенхаген, организирана од Социјалистичката интернационала. Инспирирана од американската акција, германската левичарка Луиз Зиц предложил да се организира Меѓународниот ден на жената. Иницијативата за спроведување на идејата за празникот ја презеде познатата германска феминистка и левичарка Клара Цеткин, а предлогот бил прифатен и бил воспоставен Меѓународниот ден на жената, кој ќе ги промовира еднаквите права, вклучително и демократското право на глас за жените.
Следната 1911 година, Меѓународниот ден на жената бил прославен во Австрија, Германија, Данска и Швајцарија, со многу демонстрации низ Европа. На почетокот на Првата светска војна, жените низ Европа одржале антивоени демонстрации за мир. Прославата на Меѓународниот ден на жената 1914 година во Германија била посветена на правото на глас на жените, кое тие го освоија дури во 1918 година. Марш за поддршка на правото на глас на жените се одржа во Лондон на 8 март 1914 година. 8 март 1917 година бил прифатен како Меѓународен ден на жената, а болшевичката феминистка Александра Колонтај го убедила Ленин да го направи 8 март национален празник во СССР.
Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Македонија ЕСЕ бараат наместо честитки и подароци по повод Меѓународниот ден на жената, Владата да преземе конкретни мерки за надминување на родовиот јаз и на проблемите со кои се соочуваат жените во повеќе области.
– По повод денешниот Меѓународен ден на жената, сакаме да го привлечеме вниманието на општата и стручна јавност за нееднаквата положба на жените и да укажеме на неефективната правна заштита од семејното насилство, ограничените можности за вработување и недостиг на основни здравствени услуги со кои продолжуваат да се соочуваат жените во нашето општество. Затоа, за 8 Март 2022 година наместо подарок сакаме да посакаме „Свет без предрасуди, дискриминација и стереотипи. Свет кој е рамноправен, правичен и инклузивен. Свет во кој се ценат различностите. Свет кој ја слави родовата рамноправност, велат од ЕСЕ.
Под слоганот „Сиромаштијата има женско лице” за денеска во Скопје е најавен шестиот Марш за женски права. На него, како што велат организаторите, заеднички ќе се упати порака дека и покрај тоа што жените се еднаква половина од населението во државата, сѐ уште не уживаат еднакви права.