Победникот на црногорскиот натпревар во лежење одмораше 60 часа: Не се ни загреав
Жарко Пејановиќ од населбата Забјело во Подгорица е победник на 12-от натпревар во лежење што традиционално се одржува во Црна Гора во етно-селото „Монтенегро“ кај Никшиќ.
Пејановиќ издржа 60 часа лежење и за својот потфат освои 350 евра, рафтинг, викенд во етно селото, ручек за двајца во ресторан во Подгорица и уште многу награди од спонзорите на настанот.
-Не беше тешко, верувајте, не се ни загреав“, изјави тој за „Глас Забјела“. „Кога доаѓа друштво да ги поддржи конкурентите, тоа е забавно, но најголемата грешка е кога на некој ќе му дојде семејството. Кога на некој му доаѓаат членови од семејството, тешко е да не стане, објасни тој.
Да потсетиме, во големото финале на натпреварот за титулата „најголем мрзливец“ покрај Жарко се натпреваруваше и Вук Кољеншиќ кој го освои второто место.
Необичниот натпревар се организира дванаесетта година по ред, а годинава девет натпреварувачи од Подгорица, Даниловград и Белград се обидоа да го соборат рекордот од 117 часа лежење.
Сепак, се чини дека ќе треба да почекаме барем уште една година за некој да успее да го собори рекордот што лани го постави Дубравка Алексиќ од Подгорица.