Илјадници кандидати сакаат да го населат Марс, билетот е во еден правец
Холандската непрофитабилна организација „Марс уан“ повикала доброволци од целиот свет да се пријават за патување на Црвената планета во еден правец, кое ќе биде организирано во 2022 година. Организаторите на прес-конференција во Њујорк пред неколку дена изјавиле дека патниците за Марс на оваа неповторлива авантура ќе бидат снимани исто како во реално шоу.
Патувањето во еден правец значително ги намалува трошоците на мисијата, која прво со екипаж од четворица ќе чини шест милијарди долари. Секој може да биде кандидат под услов да има 18 години и добро да зборува англиски. Како предност ќе се сметаат кандидати со способност за приспособување, упорност, креативност и толерантност кон другите.
Првите четворица доброволци би бребало да се спуштат на Марс во 2023 година по седуммесечен космички лет. Нивното пристигнување и први чекори кон воспоставување колонија на Црвената планета ќе бидат предмет на реално шоу.
– „Марс уан“ веќе прими 10 илјади мејла од луѓе од различни места на Земјата, кои покажале интерес за оваа мисија – вели директорот Крафт и додава дека неговата организација сака да собере 24 доброволци, односно шест тима од по четворица астронаути. Патувањата ќе се прават на секои две години, а првото е закажано во 2022 година.
Од „Марс уан“ сметаат дека со помош на медиумите ќе може да се соберат неопходните средства за реализација на проектот.
– За разлика од Олимписките игри, нашиот проект има намера постојано да одржува интересирање кај медиумите и тоа од селекција на кандидати, преку нивни обуки и подготовки, сж до лансирањето и слетувањето на Марс – велат организаторите.
Проектот за кој скептиците велат дека е неостварлив, доби поддршка од холандскиот нобеловец за физика Џерардус Хофт.
Досега се пратени неколку роботски мисии на Марс во организација на НАСА. Последната мисија на роверот „Кјуриозити“, која се спушти на Црвената планета во август лани чинела 2,5 милијарди долари.
Проектот „Марс уан“ се соочува со неколку големи проблеми. Покрај тоа што нема да има враќање на Земјата, астронаутите ќе мора да живеат во мали населби, да најдат вода и сами да произведуваат кислород и да одгледуваат сопствена храна. За Марс не може да се каже дека е гостопримлива планета. Налик на огромна пустина, чија атмосфера главно се состои од јаглероддиоксид и на која просечната температура достига до минус 63 Целзиусови степени. Астронаутите исто така за време на патувањето постојано ќе бидат изложени на опасни космички радијации. Последната пречка е тоа што сж уште не се изградени ракетата и капсулата што ќе ги однесе доброволците на Марс./В.Р