Што ги демне капачите под вода?
Повеќето луѓе уживаат и мечтаат за слободно пливање во море, езеро, река…но задоволството на безгрижно пливање може да донесе многу ризици по нашето здравје, ако не ги превземеме потребните мерки за претпазливост.
Еве како да се осигурате дека нема да наидете на непријатно изненадување кога ќе нурнете во навидум азурните, магични води.
Медузи
Медузите се одговорни за најголемиот број на непријатни случаи во морските длабочини. Во најголем број, каснувањата од медузите не се опасни, но можат да доведат до интензивна болка, проследена со чешање и осип. Докторите советуваат во случај да ве касне медуза, реакцијата да ја олесните со облоги од морска вода или оцет.
Пливачко чешање
Пливачкото чешање „cercarial dermatitis“ е осип проследен со чешање, предизвикан од одредени паразити кои живеат во водните полжави. Полжавите живеат околу мочурливите езера. Во топлите летни денови, паразитите можат да се ослободат во водата и да се закачат за кожата на капачите.
Иако, чешањето предизвикано од овие паразити е исклучително непријатно, сепак е безопасно и трае само неколку дена. Не можате осипот да го пренесете на други луѓе и не ви е потребен никаков третман. Сепак, избегнувајте да се капете во вакви езера, и веднаш измијте се со чиста вода.
Хипотермија
Некои води и покрај високата температура во воздухот се многу студени, па кога пливате во нив ви ја извлекуваат топлината од рацете и нозете и чувствувате голема слабост. Забележани се голем број на случаи на капачи со хипотермија сред лето. Внимавајте ова може да биде фатално!
Тресењето на забите е првиот симптом на хипотермија. Ако ви се случи нешто вакво веднаш излезете од вода и загрејте се.
Сино-зелена алга
Сино-зелените алги се појавуваат во езерата и барите во топлите летни денови, формирајќи зеленкаста кора на површината на водата. Пливањето во близина на оваа алга може да предизвика осипи, стомачни болки и печење на очите.
Морски ежови
Во морињата често се случува да нагазиме на некој морски еж, што со сигурност ќе ни уништи неколку дена од летниот одмор. Експертите советуваат боцките од морскиот еж да не ги вадиме без лекарска помош. Боцките, кои штрчат од стапалата, се многу кршливи, и ако неправилно се извлечат можат да останат скршени во ногата. За да избегнете убод од морски еж, носете пластични сандали и внимавајте каде газите.
