Компјутерите ќе имаат чувства за пет години!
Компјутерите во 2017-та година ќе располагаат со функции за вид, мирис, допир, вкус и слух, благодарение на новите чувствителни сензори и останати иновации, тврдат експертите.
За пет години ќе можеме да допреме нешто преку нашиот мобилен телефон, изјави Берни Маерсон, потпретседател на Одделението за иновации од компанијата “IBM”
“Ако купите ткаенина од одредена текстура, ќе можете да поминете со раката низ екранот и да почувствувате како ја допирате баш таа иста ткаенина. Тоа не е невозможно, како што звучи сега”, изјави Маерсон.
“IBM”секоја година објавува листа од пет технолошки иновации кои можеме да ги очекуваме во блиска иднина, иако звучат како да стигнале од научно-фантастичен филм.
Компанијата оваа година ја најави ерата на когнитивните системи, односно машини кои ќе може да учат, да се прилагодуваат и да стекнуваат искуства. Овие компјутери ќе ги имитираат човековите чувства на свој сопствен начин.
За да се преслика чувството на допир на екраните на паметните телефони, Маерсон предвидува дека ќе се вградат специјални спроводници, скоро невидливи елементи кои можат да произведат вибрации и чувство во прстите.
Компјутерите од иднината ќе можат да препознаат бебешки плач и во таа бука да обрнат внимание на емоциите, чувствата и промената на фреквенциите во звукот.
Машините на сличен начин ќе можат да стекнат знаење за нашите вкусови, додека гледаат како јадеме. Кога храната ќе се расипе, таа ослободува мало количество на амонијак. Компјутерот ќе го почувствува тој мирис многу побрзо од човекот и навреме ќе не предупреди за состојбата на храната во нашиот фрижидер.
“Тоа е изводливо. Времето од пет години е доста разумно. Некои од овие работи, ги правиме уште сега” изјави Маерсон.