Домашен третман со пареа за чистење на кожата на лицето!

Објавено на 7 декември, 2012 во 13:38

Издвојте си половина час за нега на вашата кожа и направете си мал домашен спа третман.

 

* Темелно исчистете го лицето. Со помош на нежно средство за чистење исчистете ја кожата на лицето, но не користете пилинг. Измијте го лицето со млака вода за да се осигурите дека не останале мрснотии или нечистотии врз кожата.

Зовријте вода. Во широко тенџере зовријте барем половина литар вода. За време на парењето можете да го користите тенџерето или да ја претурите водата во широк длабок сад. Парењето можете да го правите само со вода, но за максимален ефект и поголемо уживање, можете да користите билки или етерични масла. Доколку изберете да го парите лицето само со вода, преминете на чекор 4.

* Изберете билка или етерично масло. Се верува дека одредени билки и масла можат уште повеќе да ги зголемат бенефициите од парењето, во зависност од типот на вашата кожа.

– За мрсна кожа: лаванда, зелен чај, масло од еукалиптус или чајно дрво, тенки парчиња лимон, камилица, нане.

– За сува кожа: лаванда, камилица, масло од роза, зелен чај.

– За чувствителна кожа: камилица, лаванда.

– За комбинирана кожа: лаванда, зелен чај, масло од чајно дрво.

Откако ќе изберете со што ќе ја „зачините“ водата, ставете ја состојката во садот со жешка вода и оставете да стои 5-10 минути за да се излади водата. Така пареата нема да биде жешка и ќе го избегнете надразнувањето на кожата. Освен тоа, жешката пареа може да предизвика и појава на мали испукани капилари.

 

*Земете крпа и подгответе се за третманот. Фатете ја косата назад во пунџа за да не ви смета. Ако шишките ви паѓаат нанапред, ставете си стегач на главата или со помош на венче повлечете ги наназад. Земете крпа со која ќе ја задржувате пареата околу лицето.

* Парете го лицето 10-20 минути. Наведнете се над водата, но не се доближувајте премногу. Покријте се со крпата за да не ѝ дозволите на пареата да бега. Ако имате чувствителна кожа, доволно е да го парите лицето 10 минути. Доколку имате мрсна кожа, можете да останете под крпата 20 минути.Оставете барем 20 сантиметри помеѓу вашето лице и површината на водата.Затворете ги очите затоа што некои од состојките што ги ставате во водата може да ги надразнат.

* Дишете длабоко и релаксирајте се. Ако се чувствувате непријатно поради топлината, правете мали паузи и од време на време кревајте ја крпата.

* Избришете го лицето со крпа. Нежно избришете го лицето со крпа, без да ја триете кожата.

* Ставете си маска за лице. Овој момент е најповолен за ставање на маска на лицето. По изложувањето на пареа, порите се отворени и полесно ќе ги примат состојките од маската. Не мора да ставате комплицирана маска. За сите типови кожа препорачлива е маската од мед. Ако имате мрсна кожа, како маска може да употребите белка од јајце.

* Измијте се со млака вода. Топлата пареа ги отвора порите,но по третманот потребно е да ги затворите порите. Тоа можете да го направите со млака вода.

* Премачкајте го лицето со крем за хидратација. За да имате мека нежна кожа, премачкајте го лицето со крем за хидратација.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.