Велешаните Митров и Тахов на велосипед извозија 1.500 км и „го освоија“ Истанбул

Објавено на 10 септември, 2018 во 17:49

DejaiKosta2 fin

Четиринаесет дена на велосипед, поминати над 1.500 километри пат, со возење на дел од турата пропратено од делумно јак ветер и неколку попатни невремиња а сепак само со 3 дупнати гуми. Ова е само дел од подвигот на двајцата млади велешани, дваесет и шест годишниот Дејан Митров и триесет и девет годишниот Коста Тахов кои на велосипеди го освоија Истанбул и потоа се вратија дома во Велес. Тие сами си го финансираа своето возбудливо патување кое за нив претставува подвиг и авантура.

VIA IGNATIA fin

Сега кога ги средија впечатоците од извозената велосипедска тура, на која постигнаа и од 120 до 200 км на ден, овие пасионирани вљубеници во велосипедизмот имаат што да ни кажат. Особено што од своите домови во Велес тргнаа сами а нивните велосипеди не ги изневерија иако на нив ги возеа и торбите полни со облека, вода, храна, шатори и други потребни работи.

Dejan fin

– Прво место во кое одморивме беше Дојран, од каде потоа влеговме во Грција. По пат, по градовите и селата сретнавме секакви луѓе. Некои расположени да помогнат со ладна вода, сместување, кафе и друго, а некои расположени да го решиме проблемот со името тука,на лице место, и кои прашуваа: Where are you from? А ние им одговаравме: Macedonia, на што тие додаваа Skopia? А ние дополнувавме:: No, Veles. Секако одговорот ги оставаше збунети. Грција ја поминавме со спиење во шатори во Кавала и Александрополис. По патишта од асфалт, коцки, камења, земја. Лаења, заби и лиги од возбудени кучиња, разлетани на сите страни по густата темница. Борба со силен и константен ветар од спротивна насока. Пренасочен сообраќај поради срушен мост. Морбидни мрачни и длабоки клисури, стари римски мостови, куќата на вештерката од приказната за Ивица и Марица, модерен автопат, граница. Во Турција не пречека гранична полиција и војска, вооружени до заби и топол поздрав “Мераба”. Само што влеговме почна да паѓа мрак и да излегува месечината над патот. Поубава глетка нема. Патот широк, без никаква дупка во асфалтот. Возиме од Ипсала, покрај Кешан накај Текирдаг. Пред Текирдаг околу 3 часот почнавме да заспиваме возејќи на велосипед, па се паркиравме на една бензинска за да ги задоволиме малку потребите од сон. Во Текирдаг не опече немилосрдно сонце. Не гореше. Знаевме дека имаме уште многу до Истанбул и дека рутата мора да се извози. По малиот одмор во еден попатен парк и се впуштивме во нов предизвик поради патот кој е „убиствен“ поради константните искачувања и спуштања во комбинација со жешкото сонце. Но ентузијастички го испивме прво вистинско турско кафе додека од десна страна го гледавме Маморно море, рече Митров.

ZnakTurcija fin

Неговиот пријател Тахов ни го раскажа останатиот дел од нивниот подвиг. Тој говореше за возењето на велосипеди низ Истанбул, градот со густ и наместа хаотичен сообраќај, каде е потребна голема концентрација и внимателност.

VozenjeIstanbul fin

DejaniKosta fin1

Dupnataguma fin

– Сообраќајот стануваше се погуст и хаосен. После подолго возење стигнавме кај нашиот пријател Волкан Дорткардеш, кој беше нашиот спас од можното промашување на зацртаната рута. Таму одморивме ние и велосипедите. Имавме време во преостанатите два дена да одморивме, разгледаме и шетаме. Со нашиот домаќин прво што сторивме беше да се насладиме со слатки во слаткарница Мадо. Потоа следеа останатите прошетки низ европскиот и азискиот дел на Истанбул. Истанбул беше многу повеќе од нашите очекувања. Огромен, со должина од 180 км и 22 милиони жители, супер модерен град. Два дена се малку за да се доживее овој град. Но бидејќи бевме ограничени со време, пред се поради неизвесноста од можно невреме по пат одлучивме да тргнеме назад и да ги извозиме километрите кон нашите домови во Велес,рече Тахов

Istambul noke fin

gliser fin

Двајцата велешани не сокрија дека по патно, на мапите, најчесто барале места на кои имало слаткарници.  

– Возевме според планот, бегајќи од темни облаци. Така стигнавме до турско –грчката граница, а од таму пак до Александрополис. Тука преноќивме за следниот ден од таму преку селски патишта да го заобиколиме Комотини за да стигнавме во Неа Карвали, кој се наоѓа на 10 км пред Кавала. Таму направивме поголеми измени на патувањето, па возевме преку Драма и Серес се до Дојран каде што одморивме, додаде Митров.

TrojcataDojran fin

И во Дојран следеше првото нивно изненадување затоа што таму по испраќањето на стратот исто така ги пречека пред целта, Велес, нивниот пријател Ѓоре Димитриевски.Сите нив можете скоро секојдневно да ги видите заедно како со велосипеди возат низ Велес и низ Македонија

Vo Veles fin

За крај двете момчиња им се заблагодарија на гостопримливоста на домаќинот во Турција, Волкан Дорткадреш како и на сите свои пријатели кои на социјалните мрежи ги следеа, ги ги бодреа и ги храбреа во несекојдневниот подвиг. Тие со себе во родниот Велес донесоа и многу спомени за добронамерни луѓе што ги сретнаа, запознаа и им понудија помош.

Тие на крајот без колебање со одговор : Да одговорија на нашето прашање: Ќе има ли наредни вакви велосипедски тури? Па момчиња, секоја чест и со среќа./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.