М-р Александар Мијак, уметникот на портретите, со 25 самостојна изложба „Љубов“ во Ликовен салон во Велес (видео и фото)
Објавено: 8 мај, 2026, во 11:02 часот
Самостојната изложба на Александар Мијак, со наслов „Љубов“ беше свечено отворена, вчера вечер, во Ликовен салон Велес. Таа се одржа во годината, во која што Мијак одбележува троен јубилеј: 30 години од завршување на Средно уметничко училиште, 25 години од дипломирање на Факултетот за ликовна уметност и 15 години од магистрирањето.

Дваесет и петтата самостојна изложба „Љубов“, за прв пат во неговата уметничка кариера, овозможи концепциски прикажување на портретното сликарство по што Мијак е препознатлив.

Присутните на синоќешното свечено отворање ги видоа 25-те портрети на познати, успешни и реализирани личности кои се дел од личниот и професионалниот живот на Александар Мијак, од неговото животно препознавање и споделување на трајни вредности. Тие се траен ликовен запис за насликаните личности со личен потпис на овој уметник.

„Во севкупното 30 годишно ликовно творештво на Мијак, тој суверено владее со графичките и сликарските методи. Ликовниот израз и во двата медиуми на изразување е богат, оригинален, вдаховен и искрен. И кога работи во медиум графика, тој го право најдоброто. И кога работи во сликарството тој го прави најдоброто, овој пат со портретното сликарство како предизвик кон класичната уметност иако суверено ја владее и модерната уметност,“ напиша Дора Андова Фотева – историчар на уметност во рецензијата насловена како „Портрет за портретистот Мијак“.


Тоа што го одбележа отворањето на синоќешната изложба „Љубов“ на Мијак секако беше неговото емотивно обраќање кон присутните и првото јавно прикажување на двата портрети низ кои што синот Мијак ги овековечи родителите Иванка и Трајко Јовановски.
Животното и уметничко кредо на Мијак гласи: „Животот е краток, уметноста вечна“. Надополнето со љубов кон животот, уметноста, блиските, семејството, земјата, корените и традицијата е инспирација за наредната и заедничка изложба во Њу Јорк, САД, на браќата Александар Мијак и Сашо, која што наскоро ќе ја реализираат.
Инаку досега овој велешанец има реализирано 24 самостојни изложби од кои 8 во Македонија, една во Париз – Франција и 15 во Соединетите Американски Држави како и повеќе од 500 групни изложби низ светот. Негови дела ги содржат постановките на светски познати музеи и ликовни колекции како онаа во Newport Mansions Marble house – eден од дворците на Рокфелер. Уметничко дело на Мијак, во 2014 година, понесе прва награда за продажба на аукција во хотел на Рокфелер во Њу Јорк а средствата од продажбата уметникот ги донираше во хуманитарни цели.
Убавка Јаневска
Фото галерија:




















