Дисперзирана спортска фудбалска паралелка, од септември, повторно во велешка „Гимназија Кочо Рацин“
Објавено: 30 април, 2026, во 13:01 часот
Талентирани млади фудбалери и фудбалерки кои тренираат во спортските клубови како и ученици од деветто одделение во основните училишта во Велес и од соседните општини Чашка, Градско и Лозово кои имаат афинитети кон оваа спортска дисциплина добиваат можност да се запишат во спортската паралелка во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“.
Станува збор за дисперзирана паралелка на ДСУ „Спортска Академија“ која се воведува повторно од учебната 2026/27 година од страна на Министерството за образование. Во паралелката наставата ќе ја одржуваат професорите по физичко образование на велешката гимназија за стручните и за останатите предмети од редовна настава на ова средното училиште. Паралелката ќе може да запише до 32 ученици.

– Селективниот тест е услов за да можат да се запишат во нашето училиште ДСУ „Спортска Академија”- фудбалска дисперзирана паралелка Велес при СОУ „Гимназија Кочо Рацин” Велес. Селективниот тест ќе се одржи во среда, на 13 мај, годинава, со почеток во 10:00 часот на Градски стадион „Зоран Паунов“, рече Зоран Кочов професор по физичко образование на велешката Гимназија.
Професор Кочов ги повика сите заинтересирани деветоодделенци кои имаат амбиции да се занимаваат професионално со спорт или да бидат идни спортски работници како и професори, да дојдат на 13 мај на велешки Градски стадион.

Инаку, по завршување на средното училиште, овие учениците се стекнуваат со гимназиско четири годишно образование.
Убавка Јаневска



