ЗГ„Акцијаш ветерани“ волонтерски го уредуваа комплексот на Спомен Костурница Велес по повод „9 Ноември“
Искастрени се сите декоративни жбунови, искроени сите трендафили и направени се потребните окружувања во почвата за сите зимзелени дрвца по скалите до Спомен Костурница во Велес. Акцијашите ветерани на работната бригада “Кочо Рацин“ на ЗГ„Акцијаш ветерани“ оваа волонтерска акција ја спроведоа, вчера, недела, 5 ноември. Акцијата беше спроведена по повод празникот на градот 9 Ноември. Во акцијата учествуваше и поранешниот градоначалник Аце Коцевски како и три млади волонтери, деца.
Според Јорданка Андреева, поранешна претседателка на здружението на граѓани, иницијативата произлезе на последната седница на Управниот одбор а беше прифатена и на Годишното собрание на ЗГ „Акцијаш ветерани“.
-Спомен Костурницата е убаво место во Велес а целта беше да дадеме придонес во неговото уредување со коешто ќе го направиме уште поубаво катче за прошетки и одмор за велешани. Секако сакаме посетители да дојдат и од други градови во Македонија и од странство затоашто станува збор за културно историски споменик што е гордост на градот затоашто во него освен моштите на загинатите партизани во Втора светска војна во внатрешноста се наоѓа најголемиот мозаик во Македонија чиј автор е македонскиот сликар Петар Мазев. Волонтерската акција ја најавивме во Народен Музеј Велес и во Општина Велес, додаде Андреева.
Акцијата за разубавување и чистење на платото и скалите на Спомен Костурница во Велес ја доби поддршката на велешки музеј и на општината. В.д директорот на музејот Ангел Коруновски и градоначалникот на општина Велес Марко Колев ги посетија акцијашите ветерани.
Градоначалникот Колев, како што соопштија акцијашите ветерани, соопштил дека освен што ги поддржува во активностите оваа акција ќе предложи да влезе во годишната програма на општината и да стане дел од традиционалните активности во чест на одбележувањето на денот на градот, „9 Ноември“. Коруновски предложил веќе вгодина таа да биде помасовна и да се повикаат сите сограѓани коишто сакаат на волонтерска основа да учествуваат во разубавувањето и чистењето на комплексот Спомен Костурница. Тој, исто така, на ЗГ„Акцијаш ветерани“ им понудил просторија,во рамки на комплексот, за чување на алатот за изведување на волонтерските акции.
Спомен Костурница Велес е под надлежност на Министерство за култура коешто во последните години за жал нема одвоено ниту денар за одржување на овој комплекс.
Убавка Јаневска