Младите велешани го одбележаа 5 декември – Меѓународен ден на волонтерството, разговараа за волонтирање преку програми на меѓународни организации
Квалитетен и најефикасен начин за стекнување со знаења и практикување на вештини за волонтерство е неформалното образование. Тоа овозможува градење на капацитети на млади луѓе во локалната заедница кои преку различни форми и облици на дејствување, без надомест, учествуваат во создавање на подобри услови на живеење за себе и за останатите граѓани во локалната заедница. Волонтерите се значаен дел во градењето на про активната заедница.
„Со својата самоиницијативност, докажаниот активен пристап кон животот, како и со доброволното вклучување и дејствување во корист на други лица, волонтерите ја шират благородната идеја за волонтирање, што потврдува дека преку разни примери помага во градењето на сплотени, инклузивни и поврзани општествени заедници, но и придонесува во стекнувањето и зацврстувањето на довербата помеѓу сограѓаните и целните групи на лица со кои се работи,“ беше речено на денешната интерактивна панел дискусија на тема „Можности за волонтирање преку Програми на меѓународните организации” што ја организираше Општина Велес.
На дискусијата меѓу себе, со Градоначалникот Марко Колев и со волонтери кои во градот ја практикуваат оваа благородна мисија преку програмата на Обединети нации и на Мировен Корпус денеска разговараа претставници на ученичките заедници во општинските средни училишта, на Локален младински совет, на Младински центар Велес, на младинските клубови на Здруженија на граѓани во Велес.
Стефани Манева