Велешани ја испочитуваа традицијата – во чест на Источен Петок Балаклија пешки одеа до манастир „Свети Димитрија“ (видео и фото)

Објавено: 17 април, 2026, во 10:28 часот

Христијанскиот празник Источен Петок Балаклија, велешани го слават со посета на манстирот „Свети Димитрија“ што се наоѓа на јужниот излез од градот по стариот пат за приклучување на автопатот. И годинава од вчера, попладне до полноќ, граѓаните пешачеа за да го посетат манастирскиот комплекс.

Најголем метеж се создаде во вечерните часови кога стотици граѓани се упатија кон малата црква која го носи името на светецот Димитрија. Така беше и денеска до пладне кога вратите на духовниот храм се ширум отворени за да ги примат верниците по повод празникот.

Станува збор за стара традиција во градот која трае повеќе од еден век. Она што е посебен белег на посетата на верскиот објект се состои во одењето пеш до манастирот. Така, граѓани од сите делови на Велес се упатуваат кон Стар Мост, на река Вардар, од каде продолжуваат да пешачат уште три километри се до манастирот „Свети Димитрија“.

Гости на овој празник се и граѓани од соседните општини а ги има и од градови од целата држава. По повод празникот Источен Петок Балаклија на патот, кој мине и под карпа Цуцка, свои тезги поставуваат и продавачи на разни производи,прехрамбени, напитоци и разни дребулии.

Најбројни продавачи на тезги годинава беа на делот од патот од под река Тополка се до влез во дворот на манастирот „Свети Димитрија“.

Влегувањето во манастирскиот комплекс покажа колку е всушност голем бројот на почитувачи на празникот и духовниот храм. Граѓаните чекаа редици да запалат свеќи и да се помолат за  здравје, среќа и благосостојба во домовите, пред иконите на светецот Димитрија“.

Традиционално, по излегувањето од манастирот кој е изграден во 14 век, се посетуваат и црквите во овој комплекс „Свети Никола“ и „Света Петка“.

Токму на платото пред втората црква се поставуваат скараџиите кои ја продаваат традиционалната велешка скара а нејзиното печење создаде облаци од чад во клисурата каде тече река Вардар од една и од друга страна е местоположбата на духовните храмови.

Празникот Источен Петок или Балаклија се слави во првиот петок по Велигден. Тој спаѓа во Светлата недела поради што некои го викаат и Светол Петок, а поради тоа што во светлата недела се блажи, може да се сретне и како Благ Петок. Овој ден е посветен на прославувањето на Пресвета Богородица, која во богослужбите на Светлиот петок е наречена и Животоносен Источник. 

Фотографиите и видеата Дума.мк ги сними од синоќешната посета на верниците на манастирот „Свети Димитрија“ и комплексот од цркви во овој дел на Велес.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.