Од 1 март стапуваат во сила измените на Законот за субвенциониран студентски оброк
Собранието вчера со 74 гласа „за“, без против и воздржани, го донесе Закон за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк. Согласно законските измени, доколку студентот не ги искористи средствата од студентскиот оброк во текот на еден ден, износот се задржува до крајот на седмицата, заклучно со сабота.
Со ова ќе се овозможи да се намалат технички проблеми при наплатата на оброкот на дневна основа, ќе се овозможи студентите да акумулираат поголем износ на средства со кои ќе купат поголема количина на храна и да приготват здрав оброк.
Ова значи дека средствата од оброкот ќе може да се користат неделно, односно сите средства што студентот нема да ги искористи од понеделник до петок, ќе може да ги искористи најдоцна до сабота истата седмица. Ако студентите не ги искористат до сабота, следната недела, од понеделник тие нема да бидат достапни за користење.
Студентите дневно добиваат по 140 денари, а средствата можат да се искористат кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.
Законските измени ќе стапат во сила од 1 март.
Измените на Законот кои се предлагаат се на иницијатива на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, како студентско тело кое ги застапува правата на над 23.000 студенти во државата.
Дума.мк