Музичкото училиште „Стефан Гајдов“ од Велес на завршен настан за проектот „Музика во Инклузија“ во Тулуз, Франција
Двајца наставници од ООМУ„Стефан Гајдов“ Велес заедно со ученици како и специјален едукатор од ОУ со Ресурсен центар „Маца Овчарова“ и родители, од 22 до 26 февруари, годинава, беа организатори и учесници на петдневната мобилност во склоп на Еразмус плус проектот Музика во инклузија“ на која домаќин беше невладината организација „Топофон“ од Тулуз, Франција.
М-р Илија Настовски од велешкото музичко училиште појаснува дека преку овој проект учениците првата мобилност ја поминале во Италија, втората во Македонија и третата, сега, во Франција. Во текот на последната посета во НВО Топофон во Тулуз, Франција бил ставен темелот на новиот модел на инклузија во процесот на образование во музичките училишта во европски рамки, потпирајќи се на националните програми и стандарди во секоја земја.
-На оваа мобилност учениците имаа часови по инструмент, колективно свирење и часови по
музикотерапија, но не беа изоставени и активности како посета на големиот музеј на техника и механика и разгледување на стариот дел на градот кој ја одсликува европската култура и уметност. На последниот ден се одржа концерт на кој настапија сите ученици, а на воодушевување на бројната публика беше настапот на камерниот музички состав ИНКЛУЗИЈА составен од сите деца, додава м-р Настовски.
Експертизата која го донела овој модел подлежела на претходно тестирање со група ученици, разгледување на трудови од областа на инклузијата и споделување на методско – дидактички практики. После овој период од една година бил даден модел кој може да се имплементира во интернационални рамки, без да се менуваат постоечките програми во музичките училишта.
Инаку, координатор на овој проект е Илија Настовски од ООМУ„Стефан Гајдов“ Велес, а партнери се Институтот за музика Гаспаре Спонтини од Асколи Пичено, Италија и Невладината асоцијација
Топофон од Тулуз, Франција. Проектот со наслов „МУЗИКА ВО ИНКЛУЗИЈА“, финансиран од ЕУ преку Еразмус + програмата за размена на ученици и искуства и развој на стручното образование.
Стефани Манева