Музички вечери во Росоман: Амадеус бенд и Антониа Гиговска на Духовден Фест 2025

Објавено на 5 јуни, 2025 во 15:00

Росоман се подготвува за едно од најочекуваните културни случувања во регионот – Духовден Фест 2025, што ќе се одржи од 6 до 8 јуни по повод големиот христијански празник Духовден.

Манифестацијата носи порака на духовна обнова, заедништво и радост, а годинава во фокусот се големите музички имиња, спортски настани и културни програми. Централниот настан ќе се одржи во сабота, на 7 јуни, кога на сцената ќе настапи една од најпознатите балкански групи – Амадеус бенд, чии хитови се пеат цели генерации. Пред нивниот настап, со свој концерт ќе настапи и младата македонска ѕвезда Антониа Гиговска, а вечерта ќе започне со свечено отворање, културно-уметнички друштва и обраќања од градоначалникот и претседателот на Советот на Општина Росоман.

Празничната атмосфера започнува уште утре, петок, на 6 јуни, со финалето на Меморијалниот турнир „Сашко Гелов – Шулц“ и настап на Софија Манева и Јоце Панов. Наредното утро, во сабота, ќе продолжи со ревијален турнир во мал фудбал, на кој ќе учествуваат екипи од збратимени општини. Неделата, 8 јуни, е резервирана за традиционалниот панагур – ден за семејства, пријатели и заедничко дружење под отворено небо, со богата понуда на локални производи, занаети и традиционална храна.

Со отворени срца и топло добредојде, Општина Росоман ги поканува сите граѓани, гости и пријатели да бидат дел од оваа духовна и културна прослава. Духовден Фест 2025 ветува три дена исполнети со музика, емоции и вистинско заедништво.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.