„Еurope House“: Велешки средношколци дискутираа на тема органодонорство, донирањето органи е највисок чин на хуманост, љубов и емпатија
Во просториите на „Еurope House“ во Велес денес се одржа дебата со претставници од средните училишта на тема органодонорство, како дел од активностите на ЕУ проектот за подигнување на јавната свест за органодонорството и трансплантацијата во земјава.
Целта на средбата на која, покрај средношколците, учествуваа и заменик националниот координатор д-р Билјана Андоновска и Адријана Георгиев, Раководителка на Програмата за трансплантација на органи и ткива при Министерството за здравство, беше да се укаже на важноста на трансплантацијата и органодонорството, не само како медицинска дејност, туку и од аспект на хуманост, љубов, емпатија, надеж.
Андоновска ги објасни начините на станување дарител на органи, и укажа на важноста од разговорите и дискусиите на оваа тема, кои потоа резултираат со зголемена согласност. Македонија, вели, е на мапата на земјите во подем на органодарители.
– Додека во короната секаде паѓаше бројот на органодарители, во нашата земја тој број имаше пик. Како земја, имаме принцип на претпоставена согласност за органодарување, но, секогаш последниот збор го има семејството. Неговата согласност ни е најважна, вели таа.
Еден донор може да спаси осум животи, а во поглед на трансплантација на ткива може да биде подобрен животот и на стотина други пациенти.
– Органодарителите се често луѓе кои и цел живот помагале на други, и тоа го прават после смртта. Семејствата често носат одлуки врз основа на тоа какви луѓе сме биле додека сме живееле. Со трансплантацијата се дава, се продолжува живот, но, и го подобруваме квалитет на животот, нагласи Андоновска.
На средбата во Европската куќа во Велес присуствуваа ученици и професори од средните училишта „Кочо Рацин“, „Димитрија Чуповски“, „Јовче Тесличков“ и „Коле Неделковски“, кои покажаа отвореност да разговараат за една тема што е олицетворение на тенката линија помеѓу животот и смртта, да слушнат и да научат многу повеќе за нејзините различни аспекти, но и да ги постават своите дилеми поврзани со неа.
„Одлучност. Храброст. Продолжување на животот. Втора шанса. Хуманост.
Дарување нов почеток“. Ова беа само дел од пораките кои ги споделија велешките средношколци, запрашани за првата мисла која им асоцира на органодонорство и трансплантација. Поставуваа прашања, споделуваа ставови, поттикнуваа дискусија.
Тимот ги објасни сите чекори на процесите на органодонорство и трансплантација, од синхронизирањето на вклучените тимови, неопходните испитувања за компатибилност на дарителот и реципиентот, софтверското поврзување на сите параметри, а ги појасни и етичките принципи на органодонорството, возрасната граница на донорите и реципиентите, аспектите за заштитата на личните податоци.
„Трансплантацијата е медицински процес, но истовремено е и еден општествен процес што отвора прашања како што се хуманоста, емпатијата и љубовта. Семејствата што носат одлука да ги донираат органите од своите блиски, чувствуваат некаква утеха за тоа дека дел од нивните блиски продолжува на некој начин да живее и истовремено ја менуваат животната приказна на други луѓе, кои не ги ни познаваат, а, ете, им подаруваат живот. Тоа ново пулсирање на животот, помислата дека некој некаде живее подобро, за миг, носи утеха и некакво спокојство. Тоа е врвен знак на хуманост, емпатија, на љубов. Грижа за другиот, кое само по себе е и значењето на животот“, сподели Георгиев.
Учениците, на крајот, имаа можност да погледнат и кусо документарно видео со фокус на органодонорството и трансплантацијата, но и да дадат свој фидбек за пристигнатите решенија на Повикот за визуелни дела за средношколци и професионални дизајнери на тема органодонорство, чии победници ќе се соопштат наскоро.
Настанот е дел од проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од ЕУ, во кој краен корисник е Министерството за здравство. Модератор на настанот беше Небојша Илијевски, проектен консултант за комуникации.
Дума.мк