(Видео и фото) Ученици на ССОУ„Димитрија Чуповски“ учествуваат во меѓународен проект за заштита на животна средина
На првиот кат во зградата, прво пет а потоа уште шест или вкупно 11 ученици, на ССОУ„Димитрија Чуповски“ подготвија Еко катче и се вклучени во реализација на проект за заштита на животна средина како дел од програмата „Еразмус“. Целото име на проектот е „GREEEN – Games, Resources, Environment, Entrepreneurship, Education Network“. Учениците од Велес работат под координација на своите професорки, по биологија Руска Мицева како координаторка и по стручни фармацевстки предмети Драгана Јованова како асистентка. Тие се вклучија во активностите низ игри, истражување, едукација, подготовка на новинарски текстови и развивање на бизнис идеи во натпревар со своите врсници од Кипар, Романија,Италија и Македонија. Проект апликант е скопската граѓанска организација „Еко логик“, рече професорката Мицева.
Зелено катче, зелена училница, подготвени новинарски текстови и лекции за заштита на животната средина се само дел од активностите. Се што се создава во рамките на проектот се објавува на веб страната https://greenjournal.eu/ и ќе можат да го користат сите средношколци во училиштата во земјите партнери. Професорката Јованова соопшти што следува до крајот на проектот планиран за 2025 година.
Во изминатите две години координаторите и асистентите одржуваат транснационални состаноци помеѓу партнерите за планирање на идните активности. Првиот се одржа во Никосиа, Кипар, вториот во Брашов, Романија и третиот во Палермо, Сицилија.
Проектот пред две години започна со едукација на учениците и професорите од сите земји партнери во Охрид.
Убавка Јаневска