Кардиохирург Др Колев: Иако сте млади одете на редовни систематски прегледи, подложни сте на висок крвен притисок, дијабет и маснотии во крвта
Дали постои рецепт за „здрав живот“, на што треба да внимаваме и кои здрави навики да ги практикуваме беа само дел од прашањата одговорени од страна на д-р Александар Колев на вчерашната дебата, организирана во Јуроп хаус Велес по повод Светскиот ден на здравјето во соработка со Младински центар Велес. Публиката, во најголем број млади, внимателно го следеа разговорот и преку примери од секојдневието им беа објаснети значајностите за зачувување на сопственото здравје.
Велешанецот Колев којшто е долгогодишен доктор и од 2021 година е првиот кардиохирург во историјата на катедрата по хирургија на Медицински факултет во Скопје сподели голем број на совети и потенцираше дека пушењето на цигари е првиот ризик фактор за појава на кардиоваскуларни болести.
-Утврдени се околи 20 штетни материи во тутунот на цигарите, на прво место никотинот и јаглеродниот моноксид, којшто доведуваат до изразено оштетување на внатрешниот дел на крвните садови и понатаму доведува до таложење на масти и калциум и запушување на крвни садови. Тоа запушување на крвните садови без разлика на кое место ќе биде, дали на крвните садови до срцето или на крвните садови што ја носат крвта према мозокот или на пак крвните садови на нозете, може да доведе до срцева инхемична болест, инфартк, мозочен удар и слично, но сите имаат различна тежина. Сите овие болести ги имаат истите ризик фактори. На второ место е дијабетот – високото ниво на шеќер во крвта, тој е тивок убиец и штетните ефекти од него кога –тогаш ќе го стигнат пациентот кој не се труди да го доведе во граници на нормала. Хиперлипидемија – високи маснотии во крвта, висок крвен притисок или нерегулиран крвен притисок, се ова доведува до оштетување на внатрешниот дел на крвните садови. Секако постојат и внатрешни ризик фактори како што е генетика. Овие болести се појавуваат и со текот на старањето, поточно возраста, потоа полот бидејќи е утврдено дека мажите повеќе страдаат од васкуларни болести за разлика од жените, додаде Колев.
Во продолжение д-р Колев објасни дека втора најчеста болест се појавите на неоплазмите, поточно карциномите. Според него се почесто сме изложени на многу штетни влијанија со развојот на техниката на технологијата и со тоа човекот во своето секојдневно живеење применува апарати и средства кои мисли дека му го олеснуваат секојдневнието но по одредено време се утврдува дека тие имаат негативен ефект по неговото здравје.
-Хемиското соединение дериват на бензенот во почетокот на 90 години почнала прехранбената индустрија да го користи во производството на маргарин, бидејќи му давала убава жолта боја на маргаринот. Десет години подоцна е утврдено дека тој дериват на бензенот има канцероген ефект и предизвикува рак, но за жал за ова сме дознале откако нагло се качил бројот на пациенти болни од карцином, па се барале тие релации за причина и голем дел од луѓето настадале, низ пример објасни Колев.
За време на дебатата беше отворено и прашањето за ментално здравје, на што Колев одговори дека тоа претставува се поголема закана за човештвото и особено е загрижувачки што се почесто менталното здравје е нарушено кај младата популација.
-Појавата на депресија или депресивно поврзани состојби кај младите луѓе е се поизразена, за тоа пред некоја година Светската здравствена организација по повод 7 април, Светскиот ден на здравјето скрена внимание кон депресијат како болест што е во пораст. Проблем е кога депресијата ќе прерасне во помала или поголема форма на болест, тоа најчесто се случува бидјеќи луѓето не се обидуваат да побараат помош на време, не се обидуваат да разговараат со блиските околу себе, се плашат од осудување. Кај нас се уште е табу тема човек да каже дека посетува психолог, а не па психијатар. Тоа е еден од предизвиците со кои се соочуаме од аспект на здравјето а како причинители е живеењето се подинамичен живот и луѓето се по отуѓени едни од други, се помалку се негуваат тие семејни вредности, пријателските односи се се површни, агресивноста е се по изразена кај младите, појавата на социјалните мрежи и слично, додаде Колев.
На самиот крај од едукативната дебата, велешанецот Колев своите млади сограѓани ги советуваше повеќе да пешачат, да возат велосипед, да бидат физички активни, повеќе да се дружат и редовно да прават прегледи бидејќи здравјето е богатство коешто нема цена.
Стефани Манева