Издумани Крлевизми за мрзеливоста: „Работата од мајмун направила човек. Мрзата – обратно!“
„Читајте Издумани Крлевизми! Го острат духот, а лечат и од мрзеливост“ вели афористичарот Крлевски за своите нови издумани Крлевизми. Уживајте!
-Мрзеливоста е одмор помеѓу два оброка.
-Блазе им на влекачите! Ем лежат, ем одат.
-Кој рано рани, има време да си прелегне.
-Мрзеливите не сакаат да живеат од стара слава.
-Денот по утрото се познава, ама јас спијам до два попладне.
-На денешните млади секој ден им е како во сон. Го преспиваат!
-Мојот одмор секогаш е во убаво друштво… меѓу две паузи.
-На многу места плаќаме за залудно да го поминеме времето.
-Оптималната работна температура ја постигнувам под сенка.
-Пред да направам било што, бројам до десет. Потоа не правам ништо.
-Кога не правам ништо, не знам што да правам и со себе.
-Работата од мајмун направила човек. Мрзата – обратно!
-Во кујната сум виртуоз. За да не мијам чинии јадам од тенџере.
-Сум нашол многу места под сонцето, но ниту едно не било под сенка.
-Животот ми е бајка. Затоа ми минува во спиење.
-Се фокусирам на работата, но фокусот секогаш ми се поместува за утре.
Афористичар Атанас Крлевски
Дума.мк