(Видео) Попладнево и вечерва,село Мелница во општина Чашка, домаќин е на втора „Мелничка исселеничка средба“
Овие млади играорки од село Мелница ќе ве пречекаат и ќе ви посакаат добре дојде попладнево во село Мелница. По минатогодишното прва, извонредно посетена од мештаните на селото, на жителите на општина Чашка како и граѓани од Велес, вечерва во село Мелница се одржува втората „Мелничка исселеничка средба“. Тоа е културно забавна манифестација која започнува со дефиле на играорци а продолжува со презентација на културните и традиционални вредности на жителите од турската етничка заедница за да заврши со уметничка програма и настап на познати интерпретатори на македонска народна музика како и со забава за млади со Ди џеј од градот Бургдорф во Швајцарија.
Ердован Етовски Еки е дел од Организациониот одбор на манифестацијата и еден е од основачите на здружение на граѓани исселеници „МАК МЕЛ“ во Швајцарија кое што многу е активно како во оваа европска држава така и дома, во Чашка и во Македонија. Етовски соопшти дека негови членови се 102 семејства на исселеници од Мелница само во Швајцарија и говори за иницијативата на овие исселеници токму во родното место да ја организираат веќе традиционалната „Мелничка исселеничка средба“.
Освен презентација на народни носии и фолклор, кои се карактеристични за оваа етничка заедница во мултинационалната општина Чашка, организаторите поканија и други гости. Упатија покана и до сите заинтересирани граѓани ширум Македонија.
Втора исселеничка „Мелничка средба“ започнува попладнево во 17:30 часот со Дефиле а потоа ќе се реализираат бројни настани на чија завршница присутните ќе уживаат во музички изведби на естрадни уметници додека младите се до полноќ на забава со Ди џеј.
Организатори на културната манифестација се Општина Чашка, граѓанските здруженија „Мак Мел“ од Швајцарија и „Мел Мел“ од село Мелница.
Убавка Јаневска