(Видео и фото) Нов помор на риби во Вардар, кај Градско
Поморот на риби го откри рибочуварската служба на ЗСР „Бабуна“ од Велес утрово во 5:00 часот. Според информациите на спортските риболовци поморот го предизвикало некотролирано излив на вода од биогасна централа „Вардар“.
-Неподнослива смрдеа на измет се чувствува на местото на кое се случи изливот на вода. Водата е матна и на површината лебди количина на угината риба. Тргнавме по дотекот и така откривме дека доаѓа од браната на да го наречеме езерцето во кое се складира количината којашто служи како репроматеријал на биогасната централа. Ни се чини дека браната е напукната, но за тоа треба да си кажат надлежните служби на Државен инспекторат за заштита на животна средина, рекоа од рибочуварската служба на ЗСР „Бабуна“.
Според нив, веќе на местото на поморот е присутен државен инспектор. Исто така информиран е и градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков.
-По пристигнатата пријава од рибочуварите проследена е информација до Државен инспекторат за заштита на животна средина. Општината нема локален инспектор. Во очекување сме на извештај од контролата што државниот инспекторат ја врши, рече Нацков.
Информациите и превземените мерки како и санкции ги очекуваат и спортските риболовци од здружението „Бабуна“ кои се концесионери на водниот слив во река Вардар.
Убавка Јаневска