Македонска експедиција, со тројца велешки планинари, го искачи највисокиот турски врв „Арарат“(Фото)
Највисокиот врв во Република Турција, Арарат, којшто се наоѓа на надморска висина од 5137 метри повторно освоен е од Планинарска експедиција од Македонија. Неа ја организираше Клубот за планинарски спортови „Азот“ од Велес. Покрај организаторот и водич Тодорче Ѓоргиев во планинарскиот подвиг учествуваа и велешаните Зоран Дуков како и тринаесет годишниот Матео Ѓоргиев заедно со Томислав Илиев од Струмица, Миодраг Микиќ и Тања Вељановска од Скопје. Покрај неколкуте препреки акцијата за искачување на „Арарат“ заврши со негово „освојување“.
Шестмината македонски планинари акцијата за искачување ја испланираа да започне во саботата, на 17 август и да трае до 24 август, годинава. „Но, се соочивме со неколку препреки,“ рече за Дума.мк,Тодорче Ѓоргиев.
– Акцијата започна со откажување на лет од Истанбул и поместен за следен ден, со што денот резерва на планина го изгубивме. Со искачување започнавме во понеделникот, на 19 август, кога стигнавме до првиот камп којшто се наоѓа на надморска висина од 3200 метри. Наредниот, беше ден за аклиматизација, значи искачување до 4200 метри и повторно симнување во кампот на надморска висина од 3200 во којшто ноќевавме. Во средата, на 21 август следеа второто искачување до 4200 надморска висина, за потоа, во раните утрински часови на четврток, 22 август, поточно во 02:00 часот, да се упатиме кон врвот. Поради покажани не толку сериозни здравствени проблеми, но сепак во лоши временски услови и со цел да не се доведе во небезбедност здравјето на најмладиот член а со тоа и во сериозност искачувањето на останатите петмина членови на експедицијата, јас како водич и родител на Матео Ѓоргиев одлучив тој да биде задржан во базниот камп на 4200 н.в. Останатите петмина членови на планинарската експедиција во временски услови на густа магла, силен ветер, врнење на замрзнат дожд измешан со сушец, по пет часа искачување стигнавме на највисоката точка на планината, односно врвот „Арарат“ односно на 5137 н.м.“, додаде Ѓоргиев.
Таму петчлената македонска планинарска експедиција се задржала кратко и по фотографирањето започнала со враќање во кампот број два. Тие по едно часовен одмор продолжиле со симнување до базниот камп на надморска висина од 3200 метри.
Таткото и синот Ѓоргиеви заедно со Дуков, Илиев, Микиќ и Вељановска денеска го започнуваат враќањето до Македонија. Прво до Догубајазит, како појдовна точка а утре, сабота, 24 август, со авионски лет преку Истанбул до Скопје, во Македонија.
Убавка Јаневска
Галерија со фотографии на Тодорче Ѓоргиев