АД за стамбен и деловен простор не можел да издава државна земја под закуп – многубројното семејство кај Автобуска станица во Велес не живеело во негов стамбен објект
Објавено: 13 август, 2026, во 14:54 часот
На диво се вселило, пред 2019 година, во трошната куќарка од која останал само еден ѕид, повеќечленото семејство на чии начин на живот се жалат граѓаните од месноста Варналии како и од околните згради кај велешкото Биро за вработување ( Агенција за вработување – подрачна единица Велес). Околни ѕидови на две соби како и покрив создале од најлони,тенекии и картони и така продолжиле да живеат до сега. За да не се гледа што правеле внатре, однадвор на површината којашто е во сопственост на државата Република Македонија, подигнале импровизиран ѕид, кој што сега е претрупан со парчиња гардероба и така си оградиле дворно место кое завршува до тротоарот на улицата „Петре Прличко“.
Ова го соопштија за Дума.мк во Акционерското друштво за стопанисување со стамбен и деловен простор – подружница Велес како одговор на прашањата дали на диво се користи стамбен објект во сопственост на државата. Конкретно, одговорот на оваа државна институција гласи: „Нема стамбен објект туку семејството користи дел од површина на земја на Република Македонија. Тоа е причината што не може да биде превземена законска мерка за дислокација од наша страна. За да постапиме согласно Закон за домување мора да постои стамбен објект а таму го нема.“
Од правната служба на Акционерското друштво за стопанисување со стамбен и деловен простор – подружница Велес појаснија дека на пет состаноци, уште во 2019 година, со претставници на Центар за социјални работи Велес било разговарано како да се реши проблемот со обезбедување на покрив над глава за ова семејство. И тогаш причина биле реакции на граѓани кои живеат или имаат деловен простор во околината на семејството. Но решение и тогаш не се нашло.

Дума.мк од свои извори дознава дека изминатава пролет, проблемот со ова семејство кое живее значи во тенекии, картони и најлони, го решавала Комисија за стамени прашања на Влада. Тогаш биле донесени две решенија за неколку дена од претседателот на комисијата и актуелен министер за транспорт Александар Николовски. Со првото да им била доделена куќа во село Ногаевци, во соседната општина Градско а со второто, да се поништи првичната одлука затоа што куќата имала „субстандардни услови за живот“. Овие извори на Дума.мк се сомневаат дека и тогаш била „крената бука“ за да се спречи селењето на семејството од една во друга општина.
Така многубројното семејство продолжи да живее во Велес. И додека со најново барање, сега, и со собрани потписи повторно граѓаните од месност Варналии и од околните згради се обидуваат да се одбранат од глетката, миризбата и смрдеата на коњи кои ги има семејството со над 20 членови, денеска, нивниот впечаток за надлежните институции е дека само декларативно соопштуваат ставови за изнаоѓање на некакво решение. „Не слушнавме од општина Велес, од Центар за социјални работи и од Агенција за стамбен и деловен простор дека се надлежни и ќе превземат мерки со кои некаде ќе го згрижат ова семејство а нас ќе не спасат од нечистотија и од смрдеа. Нам не ни е јасно дали има и која институција е надлежна за овој случај?,“ рекоа дел од потписниците на барањето. Тие се изненадени од ставовите на институциите дека во ова семејство немало девијантно однесување на членови. Дума.мк од свои извори дознава дека еден бил во затвор додека втор бил зависник.

Овие граѓани уште еднаш апелираат за крајно сериозен и одговорен пристап кон проблемот со решение кое ќе ја превенира состојбата на изурпирање на државна земја, на јавни зелени површини, на угинати коњи поради глад и жед, на питачење од страна на малолетните деца низ цел Велес и на нивното претрчување преку улицата или застанување на коловозот по удолницата на „Петре Прличко“ што било причина за сопирање на голем број на меѓуградски автобуси. „Додека не се случила некоја трагедија“, децидни се овие велешани. А тие ја имаат поддршката од голем број на граѓани на Велес кои на социјалните мрежи пишуваат и за други згоди и незгоди со членови на ова семејство.
Убавка Јаневска



