Од сметката на Општина Свети Николе симнати 210 илјади по договор за јавно осветлување склучен пред осум години
Осум години по раскинувањето на договорот за јавно-приватно партнерство за уличното осветлување преку извршно решение фирмата „Сити лајт“ од Струга на 10 февруари повлекла од сметката на Општина Свети Николе 210.000 евра. Оваа информација денеска ја соопшти градоначалникот, Сашо Велковски. Станува збор за договор за јавно-приватно партнерство за реконструкција и модернизација на осветлувањето на градот што градоначалникот на општината Роберт Ѓеоргиев го склучил во септември 2012 година а една година подоцна во август 2013 година го раскинал новиот градоначалник Зоран Тасев додека Советот потврдил во месец октомври 2013 година.
-Осум години подоцна, по долги судски процедури, фирмата Сити лајт со извршно решение наплати над 100.000 евра за извршената работа пред раскинување на договорот, дополнителни над 100.000 евра за камати и судски трошоци за постапката од 10.000 евра. Голготата на оваа општина не запира тука, туку некогашниот партнер, Сити лајт бара уште 42 милиони денари, односно над 660.000 евра за периодот од раскинување на договорот до сега, бидејќи Апелациониот суд одлучил во нивна корист, рече Велковски.
Градоначалникот додаде дека наплатата на средствата општината од ликвидна ќе ја направат една од десеттината блокирани општини во земајва, без шанса наскоро да се одблокира.
-Со тоа, сите планирани проекти за оваа 2020 година, која ја сметавме за година на капитални инвестиции ќе паднат во вода. Нема да можеме да изградиме ни метар водовод и канализација, ни метар асфалт, а неможе да стане збор за Градски базен, спортска сала кај гимназијата за што пари обезбедивме од сопствени приходи, поточно од концесија на земјоделско земјиште, продажба на градежно земјиште и слично, додаде Велковски.
Општина Свети Николе сега ги користи сите редовни и вонредни правни лекови за да може да ги корегира несовесните одлуки на претходните градоначалници. За конкретниот случај поднесена е ревизија како вонреден правен лек до Врховниот суд и се води пред Виш Управен суд постапка по жалба за раскинување на договорот за јавно приватно партнерство со фирмата Сити лајт. Според Велковски неопходна е брза разрешница од судската власт.
Поранешниот градоначалник на Свети Николе, Зоран Тасев кој го раскинал договорот со фирмата Сити лајт од Струга смета дека одлуката за раскинување на договорот и тој и советниците во Советот ја донеле поради штетноста што се состоела во високите цени, една светилка чинела над 900 евра, но и затоа што како резултат на големите поплави во тој период тие констатирале нестручно поврзување на светилките, потврден од стручниот надзор и мислење што го добиле од ЕВН.
-Во самиот договор има член во кој се вели дека сијалиците се со рок од траeње од 40.000 часови. Тоа е десет години, а договорот е на 13 години. Тоа значеше дека Општина Свети Николе по десет години повторно сама да си купува сијалици, а да продолжи приватно јавно партнерство. ЕВН исто така не извести и за одредени проблеми во поврзувањето што се појавија на терен, вели Тасев.
Екс градоначалникот соопшти дека за време на примпоредавањето на функцијата го информирал Велковски за судската одлука во корист на општината поврзана со случајот „Сити лајт“./У.Ј