Попладневниот вчерашен патнички воз од Скопје до Гевгелија стигнал само до Велес, патниците за Гевгелија ноќеска биле превезувани со комбе

Објавено на 30 октомври, 2024 во 12:43
Фотографија на патници во возот

Од Железничка станица во Скопје патниците во попладневниот воз до Гевгелија тргнале по возен ред во 16:55 часот, но наместо до Гевгелија тие во 22:30 часот стигнале само до Велес. Попатно и велешани во возот седеле два часа во Зелениково. Потоа тргнале кон Велес и возот некако се довлечкал до Железничка станица Велес. Велешани се симнале, но не и дваесетте патници за Гевгелија. Според изјави на патниците од Велес, машиновозачот на останатите им соопштил за „дефект на локомотивата“ како и за небезбедното возење доколку тргнат до крајната дестинација. Па откако ги слушнале овие, за патниците за Гевгелија, стигнале и информациите дека „Национални железници“ ќе им обезбеди превоз со минибус. Така тргнале а кога стигнале во Гевгелија знаат само тие.

Дума.мк до објавување на информацијата не успеа да обезбеди став за причината на дефектот на локомотивата. На официјалната веб страница на „Национални железници“ има информации за раководителите но не и мобилни телефонски броеви кога веќе никој не се јавува на фиксниот број 02/3248701. Исто така не се објавени ни имињата ниту контактите на портпаролите. Тешко и да се пронајде новинар којшто има информација и контакт со портпарол на „Национални железници“.

Тоа што успеавме да го дознаеме од понудените информации на веб страницата и е поврзано со обезбедувањето на информацијата која ни е потребна за овој случај се името и презимето на директорот на Патнички сообраќај кој бил и Член на Управен одбор на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје поточно  Горанчо Јовановски како и неговата е-мејл адреса [email protected].

Доколку стигне, одговорот на новинарското прашање на Дума.мк ќе го објавиме дополнително.

Исто така, ова не е единствената веб страница на државните институции на која ги нема основните информации за достапност на раководителите и портпаролите. На скоро сите како новинарите така и граѓаните не успеваат да пронајдат контакти кои им се потребни со што генералниот впечаток е дека се наменети само за промоција на институциите но не и за транспарентност.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.