СЕММ со осуда за известувањето од судскиот процес за убиството на малолетната Вања
Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) изразува загриженост и осуда за начинот на кој повеќе медиуми известуваат за судската постапка поврзана со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Медиумите треба да бидат свесни дека секое претерано изнесување детали за чинот на насилство или злосторство, претставува повреда на достоинството на жртвите, а ги повредува и чувствата на нивните најблиски. Со навлегување во детални описи на грозморниот чин, медиумите истовремено внесуваат и вознемиреност во јавната сфера и придонесуваат кон зголемување на чувството на несигурност и насилство.
Комисијата нагласува дека при известувањето за чинови на насилство, бруталности или страдања приоритет на медиумите треба им биде заштита на достоинството на жртвите и на лицата кои се на кој било начин погодени од настаните. Притоа, медиумите треба да бидат особено внимателни, бидејќи нивните информации допираат до поширока публика, во која има и малолетни и ранливи лица врз кои информирањето за вакви случаи може да остави сериозни негативни последици.
Х Х Х
Член 8 ( Кодекс на новинарите на Македонија): Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.
Извадок од Насоките за известување на онлајн медиумите:
8.1. При известувањето за несреќи, природни катастрофи, епидемии, насилен екстремизам и тероризам, онлајн медиумите ќе бидат исклучително внимателни и ќе избегнуваат објавување сензационалистички наслови и непроверени информации, водејќи сметка да не создаваат дополнително вознемирување и паника во јавноста.
8.2. Онлајн медиумите ќе бидат особено внимателни при објавувањето снимки од насилство, бруталности или страдања, при што приоритет ќе им биде заштита на достоинството на жртвите и лицата кои се на кој било начин погодени од настаните.
8.3. Онлајн медиумите ќе избегнуваат употреба на претерано емотивни изрази со кои можат дополнително да ги повредат или вознемират жртвите, кои ја нагласуваат прекумерно нивната ранливост или го повредуваат нивното човечко достоинство.
8.4. Онлајн медиумите ќе избегнуваат да се фокусираат на страдањата и стравовите само на една страна во конфликтот, бидејќи тоа може да ги подели страните на „напаѓачи“ и „жртви“, односно да се сугерира дека казнувањето на „напаѓачите“ е решение за конфликтот. Наместо тоа, тие ќе настојуваат да ги претстават страдањата, стравовите и поплаките на сите страни во конфликтот.
8.5. При објавувањето интервјуа или изјави на сторители на насилство и кривични дела онлајн медиумите ќе внимаваат самите да не се доведат во ситуација да ги промовираат нивните идеи, а со тоа да ги охрабрат луѓето да извршат злосторства или да шират говор на омраза. Онлајн медиумите ќе имаат предвид дека интервјуирањето на сторителите може да биде болно за жртвите и нивните семејства.
8.6. Онлајн медиумите, внимателно ќе ги проверуваат информациите и фотографиите поврзани со конфликти и насилство објавени на социјалните мрежи и други платформи. Притоа, ќе избегнуваат да објавуваат содржини што прикажуваат злосторство или друго насилство,, освен ако е тоа особено важно за јавниот интерес. Во тој случај, ќе објават предупредување дека следува содржинакоја може да ја вознемири публиката.
8.7. Разговорите со сведоци на несреќи и непогоди, со повредени и болни лица, онлајн медиумите ќе ги водат со внимание, сочувство и полно разбирање за физичката и емотивната состојба на тие лица. (известување од судски постапки)
8.8. Во известувањето за истражни и судски постапки, онлајн медиумите ќе се повикуваат на информации од официјални истражни и правосудни институциии, без сензационалистички пристап во информирањето. Притоа, особено ќе внимаваат какви термини употребуваат за статусот на лицата во постапките за кои известуваат, со цел да не го повредат нивното право на пресумпција на невиност.
8.9. Идентитетот на осомничените лица, пред да се донесе правосилна пресуда, може да се објави кога: а) осомничениот врши јавна функција, б) кога е во прашање личност којашто е позната за јавноста, а постои врска меѓу делото за кое се води судскиот процес и активноста по која што личноста е позната во јавноста, в) кога самиот осомничен се согласил неговиот идентитет да биде јавен, и г) во околности во коишто јавниот интерес го оправдува објавувањето на идентитетот.
8.10. Онлајн медиумите нема да известуваат со предрасуди и да донесуваат избрзани судови за вината на осомничените лица, ниту пак ќе го прејудицираат исходот од судските постапки, за да невлијаат врз судските органи и врз текот на постапките.
8.11. Онлајн медиумите, генерално, ќе избегнуваат да ги фотографираат или да ги наведуваат имињата на сведоците во судските постапки за кривични дела, како и на нивните роднини и пријатели, освен ако повикувањето на нив е неопходно за целосно, правично и точно известување за конкретниот судски процес и ако тоа нема да влијае врз текот на судската постапка. Во известувањето за судски процеси за малолетни лица должни се да водат сметка за заштита на нивниот идентитет.
8.12. Онлајн медиумите ќе бидат особено внимателни при известувањето за сведоците на кривични дела на кои врз основа на закон им е доделен статусот на заштитен сведок.
8.13. Онлајн медиумите се обврзуваат да ги објават и информациите за отфрлање на обвинувањето или за ослободување на лицата за кои претходно објавиле дека се осомничени, обвинети или за кои се водела судска постапка.
Дума.мк