Двеста елитни кајакари, во недела, во Велес ќе се натпреваруваат во дисциплина спуст на диви води во Вардар

Натпреварот ќе се одржи во Градскиот парк во Велес, во рамки на второто коло од Европскиот куп во кајак на диви води во дисциплина спуст. Натпреварувачи ќе бидат 200 елитни кајакари од 10 земји, кои ќе се натпреваруваат во шест дисциплини, во јуниорска и сениорска категорија. Кајак Кану Клубот „Арка-Борец“ од Велес е организатор на овој елитен спортски настан од европски ранг. Поддржувач е и Општина Велес. Покровител на натпреварот е Европската кајак асоцијација.
– Велес и Македонија повторно ќе имаат можност да ги покажат своите организациски капацитети, да ја продолжат успешната низа на меѓународни натпревари, по двете Балкански првенства и два Светски купа организирани во изминатите две години во водите на река Вардар во Велес, рече кајакарот Љубомир Спасиќ.
Највозбудливиот момент од натпреварот во недела ќе биде финалната трка, која започнува во 14:30 часот. Тогаш публиката во водите на Вардар ќе може да ја проследи борбата за победа на најдобрите 15 финалисти, во јуниорска и во сениорска конкуренција.
-Ова е делот од натпреварувањето што никој не смее да го пропушти. Тоа е моментот кога се гледа кој е најбрз, највешт и најиздржлив во борбата со дивите води, потенцира Спасиќ
Кајакарскиот натпревар во недела, започнува во 09:30 часот и ќе трае до 17:00 часот. Учесници се кајакари од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија, Грција, Турција, Бугарија и Македонија.
Убавка Јаневска
