Техничките станици ќе вршат целосна регистрација на возила – без чекање на печат од полиција
Објавено: 17 јули, 2025, во 14:15 часот
Регистрацијата на возилата наскоро ќе стане побрза и поедноставна – станиците за технички преглед ќе добијат овластување самостојно да издаваат потврда за регистрирано возило, без потреба од дополнителен печат од полициски службеник. Ова произлегува од предложените измени на Законот за возила, кои денеска беа усвоени во собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.
Според предлагачите, целта е да се поедностави и забрза процедурата за регистрација, која често се одолговлекува поради недостиг на овластени службеници од Министерството за внатрешни работи во станиците за технички преглед.
-Иако прегледот на возилото може да биде целосно завршен, граѓаните сепак мора да чекаат денови за да добијат печат од полицијата. Со измените, техничките станици ќе издаваат потврда која ќе се третира како полноправен доказ за завршена регистрација, изјави Бојан Стојановски, претседател на Комисијата и еден од предлагачите на измените.
Дополнително, се предлага регистрацијата да може да се врши низ целата територија на државата, без ограничување според местото на живеење – што, според предлагачите, ќе значи поголема флексибилност и достапност за граѓаните.
Предлог-измените продолжуваат во следна фаза од собраниската процедура, а доколку бидат изгласани, ќе значат значителен чекор напред во дигитализацијата и модернизацијата на услугите во областа на сообраќајот.
Дума.мк
