Одзивот – „одличен 5“, на селективниот тест за идни ученици во гимназиската фудбалска паралелка во Велес
Објавено: 13 мај, 2026, во 12:25 часот
Триесет и пет ученици – кандидати дојдоа претпладнево на фудбалскиот стадион во населба Превалец и учествуваа на селективниот тест за фудбалската паралелка во велешка „Гимназија Кочо Рацин“. Според мислењето на стручните лица, професори, тренери, поранешни фудбалери кои што беа присутни на овој вид на квалификација за пријавување на ученици од деветто одделение за запишување во средно училиште, кандидатите покажале солидни фудбалски способности.

-Дојдоа кандидати кои покажаа што научиле од годините поминати на тренинзите во младинската екипа на ФК„Борец“ како и ученици кандидати од населените места на Општина Велес. На селективниот тест имавме и кандидати од Општина Лозово, од населените места Мелница и Стари Град во Општина Чашка. Ви ги набројувам оние кандидати коишто ги препознавме а имаше и такви кои што не ги познаваме. Како организатори на селективниот тест морам да кажам дека одзивот не радува, рече професор Зоран Кочов на Спортска Академија.

Селективниот тест поминал во возбудлива и одлично мотивирачка атмосвера. На тестирањето присуствувале и стручни лица од Фудбалската федерација на Македонија, кои наскоро ќе го објават списокот на кандидатите кои што го поминале денешниот селективен тест.
Убавка Јаневска




