Гостилница „Боеми“: Тие што имаат повеќе даваат на оние што имаат помалку
Објавено: 17 април, 2020, во 14:48 часот
Уште една хуманитарна акција со дониран условен оброк, овој пат, поделен за 400 велешки семејства од најранливата категорија на сограѓани и на медицинскиот персонал на Брза помош беше реализирана денеска од 11 до 13 часот пред гостилница „Боем“ во Велес. Оброците се донација на велешанецот Панче Ќумбев со семејството. Македонската фудбалска легенда одлучи донацијата во оброк да ја даде на христијанскиот празник Велики петок.
Порција грав со парче риба, салата и леб денеска, на Велики петок, на домашната трпеза ќе имаат 370 велешани од семејства кои се наоѓаат во социјален ризик. Останатите оброци ги доби медицинскиот персонал на Итната медицинска помош кој несебично се бори со инфективното заболување Ковид 19 и спасува човечки животи во градот. Храната ја подготви гостилница „Боеми“ која е препознатлива по хуманитарните акции „условен оброк“ во Велес. Сопственикот Трајче Мешков вели дека на голем ден и во предвечерјето на одбележувањето на еден од најзначајните христијански празници, Велигден, донатор платил 400 оброци, што од утрово до пладне, ги подготвија вработените во гостилницата.
-Всушност, гостилницата и вработените, се само трансфер помеѓу тие што имаат повеќе и тие што имаат помалку затоа што граѓани донираат парични средства што гостилницата ги претвора во храна и овој пат во вонредни услови ги делиме на социјално најзагрозените семејства. Донатор е мојот драг пријател и сограѓанин Панче Ќумбев. Оброците се делат со помош на волонтери на Црвен Крст и хуманитарката Ленче Здравкин. Граѓаните ги повикавме со постови јас и Ленче Здравкин. Дел од оброците се наменети за екипите на Итна медицинска помош во ЈЗУ Здравствен дом Велес затоа што тие оценивме дека како најуморни и најекспонирани во борбата против опасното инфективно заболување треба да им покажеме дека и на овој начин сакаме да им оддадеме признание на трудот што неизмерно го вложуваат. Храната се дели во согласност со мерките и препораките за дистанца меѓу сограѓаните, со маски и нараквици, сограѓаните доаѓаат и си подигнуваат оброок, рече Мешков.

Бидејќи акцијата „Условен оброк“ во Велес се реализира континуирано Мешков упати апел до сите велешани кои имаат повеќе да споделат со тие што имаат помалку. Храна е потребна секојдневно, не само во деновите на верските празници.
-Гладните усти не се задоволуваат само во еден ден, затоа апелирам до велешани да покажеме хуманост и во континуитет да обезбедуваме храна за категоријата на сограѓани на кои и е неопходно потребна. Во гостилницата секојдневно може да се дојде и да се уплатат средства од кои ќе биде приготвена храна како многу пати досега, додаде Мешков.
Четиристотините оброци приготвени денеска беа поделени во времетраење на акцијата од околу два часа./У.Ј


