Комисијата предлага 58-часовен карантин за викендов, ќе прифати ли Владата?

Објавено: 21 мај, 2020, во 08:42 часот

Policiskicas fin

21.05.2020

Полицискиот час за претстојниот викенд кој е продолжен со два празника, според предлогот на Комисијата за заразни болести, треба да почне в сабота во 19 часот и да заврши во 5 часот во вторник. Овој предлог Комисијата го достави вчера до Владата.

Причината, според министерот за здравство Венко Филипче, се должи на непочитувањето на мерките од страна на одредени граѓани, а зголемениот број новозаразени со Ковид-19 е поради настаните и семејните собири што се случувале изминатите денови. Надлежните сметаат дека со ваква ригорозна мерка ќе се постигне вистински ефект.

Министерот Филипче на вчерашната прес-конференција посочи дека сите други ослободувања од рестрикциите, што беа најавени за крајот на оваа недела, ги оставиле за почетокот на следната недела. По викендот, од вторник, Владата ќе одлучува за функционирањето на угостителските објекти и евентуално скратување на полицискиот час.

Со новорегистрираните 19, вкупниот број на активни случаи заразени со коронавирус во земјава заклучно со вчера изнесува 381. Вчера се регистрирани 16 оздравени пациенти, а починати се четири лица. Во ГОБ „8 септември” починала пациентка од Скопје на 65-годишна возраст примена на 11 мај, 71-годишен пациент од Скопје , хоспитализиран на 16 мај и пациент од Тетово на 73 години во болница од 11 мај. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почина 41-годишен пациент од Прилеп кој повеќе од 40 дена се лекувал на клиниката.Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.858, бројката на оздравени пациенти е 1.367, а на починати е 110, пишува МИА.

Останува да се види дали Владата ќе го прифати предлогот на Комисијата за 58-часовен карантин викендов и, ако тоа се случи, колку тој ќе се почитува од верниците што го слават Рамазан Бајрам.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.