Малите велешани во посета на СВР Велес, учеа за работата на полицијата и безбедноста

Објавено: 20 ноември, 2025, во 11:00 часот
фото: МВР

Најмалите велешани од детската градинка „Димче Мирчев“ беа во посета на Секторот за внатрешни работи Велес, каде Отсекот за превенција организираше интерактивна и забавна превентивно-едукативна активност.

Преку игра и непосредно дружење со полициските службеници, децата на разбирлив и интересен начин се запознаа со значењето на полициската професија, улогата на полицијата во заштита на граѓаните, како и со основните правила за безбедно однесување во сообраќајот.

фото: МВР

Малите посетители имаа можност одблиску да видат дел од техничката опрема, униформите и службените возила што полицијата ги користи во своето секојдневно работење, што кај нив предизвика големо воодушевување и љубопитност.

-Целта на овие активности е приближување на полицијата до децата како најмлада категорија на граѓани и прифаќање на полициските службеници како пријатели кои се грижат за нивната безбедност, информираат од Министерство за внатрешни работи.

фото: МВР

Како знак на успешната соработка, детската градинка „Димче Мирчев“ додели благодарница на Сектор за внатрешни работи Велес.

Во наредниот период се најавуваат и нови едукативни средби.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.