Може ли просечно велешко семејство да си дозволи украсување на природна наместо пластична новогодишна елка?! (видео)
Објавено: 2 јануари, 2026, во 16:21 часот
Овие мини природни новогодишни елки можеа да се купат на новогодишниот базар, годинава, во Велес. Елките чинеа 350 денари. Тие можеби беа и единствените во градот кој што ги потсетија Велешани, од средна и повозрасна генерација, на детството кога во пресрет на Нова година, во домовите се украсуваа природни елки. Тогаш немаше голем избор на лампиони и декоративни украси но имаше во изобилство новогодишни бомбони, завиткани во разнобојни светликави хартии, слатки во вид на бастумчиња, чоколади во вид на ѕвончиња и други форми. Додека тие се закачуваа со врвки , коишто се правеа од природна, црвена вуница, на гранките ,под елката се оставаше место за купчињата чоколади и се разбира, играчките како подароци. А белиот памук на гранките на елката беше асоцијација за снег и за снегулки. Ова е времето кога природата влегуваше во домот на децата во Велес.
Пет децении подоцна граѓаните на Велес украсуваат, но не природни туку пластични елки. Малубројни се Велешани кои успеале да најдат и украсат природна елка.
Нема во Велес каде да се купи дрвце од видот елка или ела, како што рекоа шумарските инжинери. Шумско стопанство „Бабуна“ во својот расадник одамна не одгледува елки. Причините се во спорото растење на овој вид на дрвја. Поточно за да израснат во висина потребна за новогодишно и божиќно украсување потребни им се просечни 10 години.
Според раководителката Жаклина Гушева во дел од расадниците на Јавно претпријатие „Македонски шуми“ низ државата се одгледува одредена количина на дрвја од видот ела што секако не е голема. Но и граѓаните не покажале интерес или побарувачка за што националното претпријатие би се стремело кон зголемување на количините на саден материјал.

Дума.мк во пребарување на интернет дојде до информации дека во Скопје постојат приватни продажни места, на фирми со дејност за уредување на дворови и градини, кои располагаат со количини на дрвја од видот елка. Ги продаваат засадени во саксии за да можат купувачите по новогодишните и божиќни празници лесно да ги пренесат или пресадат во двор. Сепак за нив нема голем интерес иако се со двојно пониска цена од земјите како Хрватска, Словенија или соседните Грција и Албанија во кои продажбата на природни елки пред секои Божиќ и Нова година достигнува над неколку стотици илјади парчиња. Во овие земји елки се увезуваат и од странство и се продаваат по цена од 30 евра за парче додека домашно произведените се со пониска цена од 10 евра.
Висината на цените сигурно би биле ограничувачки за поголемиот број на граѓани во Македонија, со оглед на актуелните социо економски услови на живот во државата. Но можеби треба да се размисли уште еднаш за предизвикот да се врати еднаш востановена па прекината традиција на внесување во домовите на природно дрвце барем за време на новогодишните и на божиќните празници.
Убавка Јаневска


