Коледарчиња ги будат Велешани ова бадниково утро (видео и фото)
Објавено: 6 јануари, 2026, во 09:54 часот
Коледарчиња ги будат ова бадниково утро Велешани додека во раце ги држат коледарските торбички и ја пејат песната „Коледе леде“. Тие тропаат на влезните порти на граѓаните во стариот дел на Велес и громогласно ја пејат најпознатата коледарска песна:
„Коледе леде,паднало греде
утепало деде,деде се мачи
баба го квачи со четири јајца
гускини, шаткини ооо Коледе…
Денес е Коледе,утре е Божиќ
ќе колеме теле, теле вика леле
не колете мене, ќе ви купам зеље
да месите пита, да јадете сите.
Коледееееееееее…“
По испеаната песна велешките домаќинки ги даруваат децата со коледарски солени колачиња, ореви, бадеми, свежо и сушено овошје, костени и паричка. Коледарчињата внесуваат среќа во домовите на граѓаните. Тие се предвесници на вечерта во која се слави Бадник, денот пред Христовото раѓање, Божик.
„Колку поголем број на Коледарчиња толку поголема светлина, среќа и берикет во домовите,“ велеа и сеуште велат постарите велешани потсетувајќи на старата градска традиција.


Уште една манифестација денеска ќе се одржи во Велес посветена на Христовото раѓање. Тоа е Бадниковата поворка, која симболично ќе го најави Христовото раѓање со пеење на бадниковата песна „Вечниот Бог“. Поворката ќе тргне од храмот „Св. Кирил и Методиј“ во 10:15 часот, ќе се движи по улицата „Благој Ѓорев“ до кружниот тек и ќе продолжи кон зградата на Општина Велес каде по приемот од градоначалникот Марко Колев повторно да се врати во црквата за да биде наградена со пакетчиња и од Митрополитот Повардарски, Господин Агатангел.
Убавка Јаневска


