Четворица потврдени боли од шуга во касарната во Велес – Болеста не потекнува од Армијата, став на потполковник д-р Оранска (Видео)
Објавено: 9 февруари, 2026, во 17:58 часот
Потполковник д-р Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, денеска соопшти дека кај четири слушатели на курсот за професионални војници во касарната во Велес потврдена била болеста шуга. Првиот случај бил откриен во четвртокот, на 5 февруари, потоа следел уште еден и наредни два или вкупно кај четврорица професионални војници. Потполковник Оранска тврди дека биле превземени сите превентивни мерки.
Дијагностицираното лице веднаш било упатено на специјалист и на домашно лекување, по што следеле дополнителни превентивни мерки.
„Превентивните мерки ги правиме редовно по наш месечен план. А по индикација, како сега, правиме и вонредни надзори. Сите присутни војници се прегледани, а оние со кожни промени се дополнително упатени на специјалистички прегледи. Четворицата се пратени на домашно лекување. Другите се наоѓаат во единицата и се добри и без симптоми. Досега не сме имале случаи на шуга во Армијата, ниту кај старешините, ниту кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, додаде д-р Оранска.
Според неа во објектите, каде се сместени слушателите е извршена комплетна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Портпаролот на Генералштабот на Армијата, потполковник Дарко Стерјовски, соопшти дека условите во касарната се целосно согласно правилата, а како невистинити ги отфрли шпекулациите за лоши услови во објектите.
„Сакам да напоменам дека условите во касарната се сосема задоволителни и се согласно правилото за сместување и ред во Армијата“
Претходно од Министерството за одбрана соопштија дека случајот со шуга кај професионални војници не потекнува од касарната „Алексо Демниевски Бауман“ во Велес и апелираат да не се манипулира јавноста како и да не се прави злоупотреба на поединечен случај, со што се нанесува директна штета на угледот на Армијата.
Во саботата, на 7 февруари, АРМ информираше дека има два потврдени случаи на шуга кај војници во велешката касарна.
Оттаму информираа и дека заразените војници се во изолација, а како превентивна мерка, сите новопримени професионални војници што се обучуваат во Командата за обука и доктрини се пуштени дома.
Убавка Јаневска


