Работна акција „64 садници за 64 Ангели од Кочани“ на ЗГ „Акцијаш ветерани“ со што се одбележа 1 Април – Денот на акцијаштвото
Објавено: 1 април, 2026, во 12:29 часот
На денот којшто во поранешна Југославија се одбележуваше младинската доброволна работа од страна на акцијашите и бригадири на Работните бригади кои ја градеа татковината, велешките ветерани на Здружение на граѓани „Акцијаш ветерани“ засадија 64 садници во дворната површина на Спомен костурница во Велес. Акцијата им ја посветија на загинатите млади луѓе, членовите на групата ДНК како и на возачот од Итна помош на кочанскиот Здравствен дом.


Во денешната работна акција учествуваа 60 акцијаши ветерани заедно со претставници на Општина Велес, на велешки Црвен крст и ученици на УСО „Гимназија Кочо Рацин“ како и на ДСУ РЦСО „Коле Неделковски“.

Велешанецот Панде Ќуринов, поранешен акцијаш, сега исселеник во Австралија им приреди вистинско изненадување на акцијашите ветерани. И тој пристигна на денешната дружба по успешно изведената доброволна работна акција. Ќуринов деновиве пристигна од Мелбурн во Велес.
Ветераните акцијаши денеска се договорија следната волонтерска акција ја изведуваат до крајот на неделава за кога поделени во две групи ќе ги наводнуваат сите засадени над 150 садници кои што ги засадија од почетокот на годината во комплексот Спомен костурница во Велес.
Убавка Јаневска
Фото галерија:













