Д-р Мимоза Давчева: Љубовта како природна Психотерапија
Објавено: 9 мај, 2026, во 10:50 часот
Во секојдневниот живот често забораваме дека најмоќниот исцелителен лек е нешто што сите имаме и го носиме во себе, а тоа е љубовта. Таа не е само чувство, туку енергија што лечи, гради и поврзува. Љубовта е природна психотерапија која ни помага да се справиме со болката, стравот и осаменоста.
Зошто Љубовта е лек? Затоа што таа ни дава чувство на емоционална поддршка, бидејќи кога сме сакани и прифатени, нашата психа се чувствува сигурна и стабилна. Самољубовта односно љубовта насочена кон себе и учењето да се сакаме себеси е првиот чекор кон здрави односи со себе и другите. Љубовта создава поврзаност, мостови меѓу луѓето, а тие мостови се основните патишта кон исцелување.
Овој парафразиран вовед му претходеше на интервјуто со велешанката, д-р Мимоза Давчева – психолог и психотерапевт.
Дума.мк: Што ве инспирираше да ја изберете темата „Љубовта како природна психотерапија“?

Давчева: „Љубовта секогаш носи со себе топлина, убавина, спокој и доверба, а истовремено ја позиционира психотераписката работа како простор каде љубовта се користи како најмоќна алатка за исцелување. Во мојата професионална психотераписка работа често гледам како покажаните мали искри на љубов преку топол збор, искрено внимание, нежна грижа и посветеност, можат да отворат врати кон големи промени. Многу често клиентите доаѓаат со чувство дека се изгубени, отфрлени, несакани, но преку процесот на психотерапија учат пред се да се засакаат себе бидејќи љубовта е нашиот најсилен сојузник. Секојдневно гледам како љубовта во најразлични форми, има голема моќ да лечи. Тоа може да биде љубов кон себе, кон блиските, кон љубовниот или животен партнер, кон животинскиот свет, кон животот, кон цвеќињата, природата… Љубовта е енергија што ја враќа надежта и ја гради довербата. Сакав да ја истакнам како природен лек што секој човек го има, го носи во себе и потребно е да се разбуди свесноста за него.“
Дума.мк: Многу луѓе мислат дека љубовта е само романтично чувство. Како ја дефинирате вие?
Давчева: „Љубовта е многу повеќе од романтика. Таа е состојба на поврзаност, грижа, почит, посветеност и внимание. Може да се изрази преку топол збор, преку слушање без осуда, преку нежна грижа за себе и за се постоечко околу нас. Љубовта е емоционална поддршка што ни овозможува да растеме, здраво да се развиваме и да се чувствуваме целосни, интегрирани.“
Дума.мк: Како граѓаните кои побарале од вас помош реагираат кога ја откриваат љубовта како дел од терапијата?
Давчева: „ Често се пријатно изненадени. Многумина доаѓаат со чувство дека се изгубени, отфрлени, дека не заслужуваат љубов – често и со чувство на самоказнување. Но кога низ процесот на психотерапијата ќе ја почувствуваат топлината на разбирањето, вниманието, прифаќањето, тие почнуваат да веруваат дека љубовта е достапна и за нив и дека имаат право на неа. Тоа е момент на голема трансформација кога човекот разбира дека љубовта не е нешто надворешно, не е нешто што им припаѓа на некои други, туку нешто што може да го најде во себе, да го активира и да го интензивира. Уште по возбудлив момент е кога клиентот почнува да ја доживува убавината, јачината и безграничноста на таа природна вибрација, кога доживува дека љубовта нема лимит, дека може да се дава и прима во неограничени количини, без да се потроши. Напротив, со секое давање се множи се повеќе.“
Дума.мк: Може ли да споделите некој сегмент од вашата практика?
Давчева: „Има клиенти кои долго време се борат со своето лично изградено доживување на осаменост, задоволувајќи некоја своја потреба за изолација. Низ процесот на психотерапија откриваме дека тие заборавиле да се сакаат себеси и не си дозволуваат да се сакаат, создавајќи си чувство дека не се доволно добри, дека се грешни, дека им е потребно самоказнување. Кога ќе се постигне свесност што си прават на себе си, поради што и поради која причина ја одржуваат таа состојба на самоказна, се започнува со практикување мали гестови на самољубов. На пример како да си дадеме време за одмор и прошетки, да си кажеме дека животот е убав, да си кажеме дека е добро што постоиме. Така постепено стекнуваме спознание дека љубовта кон себе е основа за здрави односи со другите, а нашиот живот постепено се променува.“
Дума.мк: Како би ја опишале исцелителната моќ на љубовта?
Давчева: „Љубовта е најстарата и најмоќната сила што ја познава човештвото. Таа не е само емоција, туку е енергија што лечи, гради и трансформира. Таа се појавува како природен лек, тивка но моќна сила што ја враќа надежта и ја отвора вратата кон исцелување. Љубовта е наш внатрешен ресурс. Постои самољубов, а тоа е кога човек учи да се сака себеси и на тој начин тој гради стабилна основа за сите други односи. Љубовта ни создава чувство на сигурност и доверба, што е клучно за нашето социо-емоционално, ментално и физичко здравје, како наша емоционална лична поддршка и поврзаност со светот околу нас.“
Дума.мк: Како љубовта делува во процесот на психотерапијата?
Давчева: „Љубовта создава чувство на сигурност. Кога клиентот се чувствува разбран и прифатен, тој стекнува доверба и почнува да се отвора споделувајќи ја својата болка. Во тој простор на доверба се случува исцелување. Љубовта е мост меѓу терапевтот и клиентот, но и меѓу клиентот и неговото сопствено јасство. Таа му помага да ги пронајде внатрешните сили и да ја изгради самољубовта. Во психотерапијата љубовта не се изразува само преку зборови, туку преку присутност, внимание и прифаќање. Кога клиентот чувствува дека е виден и разбран, тој почнува да ја гради довербата кон себе и кон светот околу него. Љубовта станува катализатор за промена. Таа му помага на човекот да ја надмине болката и да ја пронајде сопствената моќ за тоа. Љубовта има исцелителна моќ да ја смири анксиозноста, да ги ублажи депресивните реакции, да ја намали осаменоста. Таа е исконска енергија што го потсетува човекот дека не е сам, дека постои врска со другите и со животот. Во секојдневието, љубовта може да се изрази преку мали гестови, топол збор, искрена насмевка, нежна прегратка, грижа. Тие мали моменти и мали гестови создаваат големи промени.“
Дума.мк: Во контекст на темава, кои се пораките за користење на психотерапијата како секојдневна терапија?
Давчева: Психотерапијата е патување кон себе. Тоа не е само разговор, туку процес во кој учиме да ја препознаеме и да ја негуваме љубовта што ја имаме и ја носиме во себе. Ако чувствувате дека ви недостига сила, запомнете: љубовта е секогаш тука. Понекогаш ни треба водство за да ја видиме и токму тоа е улогата на психотерапевтот. Верувам дека психотерапијата ќе стане уште повеќе насочена кон поврзаност и љубов. Луѓето сè повеќе сфаќаат дека не сме создадени да живееме во изолација. Љубовта е и ќе биде централна тема во било која терапија, затоа што таа е најмоќниот природен лек и исцелител како би станале најдобра верзија од себе. Затоа ќе споделам порака до граѓаните:
„ Љубовта е природна психотерапија, а нејзината исцелителна моќ е достапна за секој човек.Ако чувствувате дека ви недостига сила, запомнетедекаљубовта е секогаш тука, во вас и околу вас, во вашите односи и во вашето срце. Таа е во вашиот дом, во вашето семејство, пријателите, природата, миленичињата, работата и посветеноста во неаи секако во вас самите. Кога ќе посакате да ја видите, ќе ја доживувате и чувствувате каде и да погледнете околу вас, на што и да помислите независно на каква физичка оддалеченост се наоѓа од вас. Психотерапијата е патување што ви помага да ја оживеете, препознаете,да ја негувате и храните таа љубов, за да стане безгранично голема и моќна, а вие да станете послободни, по исполнетии по среќни. Љубовта е природна психотерапија што секој човек ја носи во себе. Ако чувствувате потреба од поддршка, знајте дека љубовта е насекаде присутна,а психологот – психотерапевтот можат да ви помогнам да ја пронајдете, видите, доживеете, негувате, множите…“
Убавка Јаневска
Велешанката Мимоза Давчева е д-р на науки, психолог, психотерапевт, едукатор и автор на шест книги. Таа има над 30 годишно професионално искуство во работа со луѓе од различни возрасти и животни контексти како дипломиран психолог со магистерски и докторски студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и со специјалистичко и субспецијалистичко дообразование од областа на психотерапијата.
Велешани ја познаваат како дел од стручните служби во образовни институции и во советодавни центри. Меѓутоа Д-р Давчева има и психотерапевтски практики, во кои што е посветена конкретно на поддршка на личниот развој, менталното здравје и емоционалната благосостојба на граѓаните.
За Дума.мк беше особено интересен разговорот во коишто д-р Давчева сподели лични ставови за верување во моќта на автентичниот контакт, емпатијата и човечката блискост кога преку личен, секогаш топол, пријателски и пристап насочен кон создавање безбедна средина се постигнува лична трансформација и практикување на свесност. Тоа следеше откако велешани споделија искуства за нејзината лична отвореност, емпатичност и посветеност кон нивната потреба од помош.
И на овој разговор му претходеше новинарско – психолошка размена на мислења и ставови во кои д-р Давчева детално ги објасни нејзините приоритети како што се: слушање на потребите, препознавање на индивидуалните предизвици и понудената професионална и човечка поддршка. Особен впечаток кај новинарката оставија речениците на д-р Давчева:
„Секој човек носи во себе сила и потенцијал за промена. Понекогаш животот нè става пред предизвици кои изгледаат големи и тешки, но токму тие моменти се можност да откриеме нови делови од себе. Тогаш мисија на психотерапевтот е да биде покрај граѓанинот на кој му е потребна помош и во тој процес да пружи разбирање, емпатија и професионална поддршка. Верувам дека секој чекор, колку и да е мал, води кон голема трансформација.“

