Меѓународен ден на медицинските сестри: Од најдобрите во Велес, акушерка Миткова и сестрите Ангелковска и Ѓорѓиевска слушнавме искуства
Објавено: 12 мај, 2026, во 16:13 часот
Од деца во маалските игри преку другарските преиспитувања за избор на животна професија и ученички во првите медицински паралелки на градот, во тогашната Гимназијата „Кочо Рацин“, се до работни места во двете јавни здравствени институции. Вака најкратко може да се опише професионалниот живот на трите здравствени работнички, одговорната акушерка Елизабета Миткова на истоименото одделение и Дафина Ѓорѓиевска медицинска сестра на Детско одделение во Општа болница додека Елизабета Анѓелковска (Дангалова) на Здравствен дом во Велес.
Дума.мк ги прашаше годинешните „најдобри“ зошто ја избраа за животна професијата токму медицинската, која што ја работат од 35 до 40 и нешто повеќе години и што беше најголем предизвик, моментот за да ја облечат службената бело – сина медицинска униформа?
Анѓелковска (Дангалова):„ Уште како дете се восхитував на работата на луѓето во бели мантили а и на медицинските сестри коишто ми помагаа кога бев болна за да оздравам. Се тоа е поврзано секако со глетката во здравствените институции каде нашите родители не носеа како деца, кога бевме со покачена температура, загноено грло или кога требаше да примиме вакцини. Паметам до денес како медицинските сестри ни помагаа да го надминеме стравот, од шприцот и инјекцијата, или ни ја симнуваа покачената температура со инфузиите. Тоа подоцна сватив дека се претежно жени кои споделуваа дел од својата мајчинска љубов и кон останатите деца, помагаа, а голем дел и беа вистински пожртвувани и не се штедеа при транспорти од сообраќајни несреќи, пожари и други видови на здобиени повреди на свои сограѓани. Најголем дел од својот работен век го поминав во Итна помош на Здравствен дом Велес. И не жалам за непроспиените ноќи, метежот при излегувањето на терен независно дали спасувавме човечки животи при домашни посети и во сообраќајни несреќи. Бев и патронажна сестра и тоа има посебна вредност во работните години.“
Ѓорѓиевска: „Бев примена да работам на Детско одделение во Општа болница Велес и тоа беше моето прво вработување. Мој началник, инструктор, стручен учител во работата беше најдобриот лекар, педијатар, д-р Никола Стојанов. Неговото искуство како дијагностичар и лекар беше огромно. Беше чест да ги слушаме неговите инструкции и да лекуваме деца. Тоа што ќе ми остане како вечен спомен од работата секако се моите сограѓанки кои сум ги запознала како мајки кои лежеа на одделението додека ги лекувавме нивните деца а сега доаѓаат на посета кај нивните ќерки додека ги лекуваме нивните внуци. Тоа се генерации на сограѓани. И токму тие кога ќе ме видат велат „па ти си сеуште тука“. Ова е хумана професија и неа ако еднаш ја засакаш не можеш да ја оставиш. Мислам и дека како пензионерка, од крајот на годинава, ќе продолжам да бидам на располагање со потребни совети.“

Миткова: „Почнав во амбуланта во село Богомила и го покривав село Ореше, преминав во село Горно Јаболчиште за да бидам примена на Одделение за гинекологија и акушерство а работев и на Физикално одделение. Зад мене се работни 35 години. Сега сум дипломирана Акушерка. Ми претставува голема чест што ме прогласија за најдобра акушерка и тоа е резултат на работата во професијата што ја сакам. Ќе се заблагодарам за укажаната доверба како на колегите така и на сите пациентки и морам да истакнам дека ова не е личен успех туку како признание на сите моменти на грижа, на поддршка, на доверба што ги споделувам со сите трудници и мајки.Им благодарам на сите што ми веруваат. Мисијата на акушерката е да обезбеди сигурност а потоа и грижа, посветеност што секако наградата дополнително ме обврзува.“
Двете професионални здравствени работнички ќе ги сретнете на работните места и во утрешниот ден додека Ангелковска (Дангалова) иако пред некој ден ја замени униформата со заслужена пензија вели дека ќе остане на располагање, за совети, на своите сограѓани.
Убавка Јаневска



