Светиниколци денеска со први тестирања на Ковид 19 во својот град
29.07. 2020
Мобилен тим составен од лекар и лаборант на Центарот за јавно здравје Велес денеска за прв пат ќе земе брисеви за коронавирус во Здравствениот дом „Г.Гаврилски“ во Свети Николе. Овој тим ќе стигне во Свети Николе штом заврши со земањето на брисеви во пунктот во Велес.
-Според утврдениот и договорен план за денешните дневни активности, здравстен тим од лекар и лаборант, од утрово работат на земање на брисеви во пунктот во Велес. Штом завршат ќе се подготват и ќе заминат за Свети Николе, рече Анастасија Иванова в.д директорка на Центар за Јавно здравје Велес.
Здравствениот дом изолираше простор со посебен влез и излез во самиот објект. Обезбедени се и останатите услови за изолација на здравствениот персонал и граѓаните кои доаѓаат за потребни здравствени услуги што не се поврзани со инфективното заболување.
Оваа јавна здравствена институција е ангажирана од Министерството за здравство за тестирањата на граѓаните во Свети Николе откако таму ескалира инфективното заболување. Министерството го прифати барањето на Општинскиот кризен штаб на Општина Свети Николе и Градоначалникот Сашо Велковски за отворање на пункт во градот со цел да не се малтретираат светиниколци со патувања до Велес, кои се тешко изводливи ако немаат сопствен превоз, бидејќи не сообраќаат автобуски помеѓу двата соседни градови. Исто така и да не се изложуваат на дополнителен напор и финансиски трошоци./У.Ј