Наунчев: Дупката во асвалтот кај „Авона“ санирана е од ЈКП „Дервен“ но не е од протекување на вода за пиење (видео и фото)
Објавено: 3 јули, 2026, во 12:37 часот
Санирана е новата дупка на велешкиот асвалт која што се појави токму на пешачкиот премин кај месноста „Авона“. Дупката на коловозот на прв поглед не ја откриваше опасноста која што ги демнеше граѓаните и сообраќајот доколку не ја снимија граѓаните и не ја испратија на новинарите на Дума.мк.
Приказот на првата снимка, од граѓаните како и на втората, снимена од новинарите, покажуваше дека под асвалтот, па дури и под тротоарот, се има случено пропаѓање на земја кое што можеби предизвикано е од истекување на вода.
„Како не ја забележале ваквата појава работниците кои го бојадисале пешачкиот премин“, гласеше едно од новинарските прашањата, покрај останатите за причините за вакви појави на централната градска улица „Благој Ѓорев„ што ги поставивме на Градоначалникот Марко Колев а потоа и на вработените во општинското комунално претпријатие.
По новинарската реакција следеше обележување на местото а потоа и ставот на ЈКП „Дервен“.

-Извршена е итна интервенција со обележување на местото на посочената локација а потоа пристапено е и кон санирање на појавената дупка на коловозот на улица „Благој Ѓорев“. Таа не можела да биде предизвикана од истек на вода од водоводната мрежа бидејќи линијата која поминува на овој дел од сообраќајницата исклучена е повеќе од една година, при ист ваков случај, откако е направено премостување на корисниците на вода за пиење кои живеат во зградите долж истата улица со нивно поврзување на водоводната линија на улица „Лазо Осмаков“, рече Горан Наунчев, директор на ЈКП „Дервен“.

Според анализите на комуналното претпријатие, чии работници интервенирале по втор пат за една година и на скоро истата локација, најверојатно пропаѓањето на земјата го предизвикуваат подземни води.
Убавка Јаневска


