Сериозно зачестија палењата на стрништа во општините Велес, Градско и Чашка – ТППЕ Велес со едукативни пораки до граѓаните

Објавено: 13 јули, 2026, во 12:56 часот

Велешките пожарникари – спасители подготвија банер со едукативни пораки преку кои им се обраќаат и бараат од граѓаните, преку Фејсбук, на високите летни температури, особено да бидат внимателни со палењето на стрништа бидејќи токму тие се причина за зголемување на бројот на пожари кои што ги гаснат. Оваа појава според командирот на велешките пожарникари – спасители, Диме Јованов забележана е од крајот на месец јуни, годинава.

-Им се обраќаме на граѓаните со цел превентивно да укажеме и да побараме да бидат особено внимателни со палењето на стрништа од кои што се предизвикани најголемиот број на пожари во изминатите 30-тина дена на територијата на трите општини. Наместо палење препорачуваме механичко чистење или заорување на остатоците како и да не горат органски отпад и гранки на нивите, во лозјата и во овоштарниците како и покрај патиштата. Исто така, сметаме дека потребно е да ги предупредиме граѓаните да не фрлаат и опушоци од цигари кои предизвикуваат пожари и да ги замолиме   веднаш да пријават пожар доколку забележат мало зачадување затоа што итните интервенции придонесуваат за спас како на човечки животи така и на природата, на животната средина, додаде Јованов.

На 30 јуни, годинава, се случи големиот пожар во велешко којшто започна од Штипска клучка и се прошири во повеќе краци кон село Мамутчево, кон месностите „Трите Дола“, „Саботната Вода“ и „Сариер“ со сериозно приближување и на село Караслари. Изгорената и опожарената површина се гледа додека се мине по експресниот пат Велес – Штип и по автопат Велес – Градско. Засега нема официјални податоци колкава е вкупната површина што ја проголта пожарот и не постои институција во државава што може да излезе со конкретни податоци за точно измерено пространство.

Затоа, граѓаните со дисциплинирано и одговорно однесување треба да се погрижат да не се повторуваат пожари во кои на првата ударна линија во гаснењето се токму пожарникарите како во професионалните единици така и во доброволните друштва. Во превентивната акција вклушени се и полициските службеници на Сектор за внатрешни работи Велес кои втора недела вршат превентивни контроли.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.