Опасна граната, тешка 45 килограми, отстранета од неготинско Пепелиште, од ДЗС со апел до граѓаните

Објавено: 10 јули, 2026, во 14:03 часот

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) соопшти дека успешно реализирала  интервенција за безбедно отстранување на неексплодирана артилериска граната од 155 милиметри, тешка околу 45 килограми, која што потекнува од Првата светска војна. Oпасната граната била пронајдена во атарот на селото Пепелиште, Општина Неготино.

-Поради непристапниот терен и локација на неексплодираното убојно средство во коритото на реката Вардар, интервенцијата беше реализирана во сложени услови. Со логистичка поддршка од Територијалната противпожарна единица – ТППЕ Неготино, којашто обезбеди чамец за пристап до локацијата, а пиротехничарот на ДЗС, Ѓорѓи Стефанов, безбедно ја извлече гранатата, по што таа беше транспортирана и обезбедена до нејзиното конечно уништување на Армискиот полигон „Криволак“, соопштија од ДЗС.

Оттаму упатија благодарност до пожарникарите на ТППЕ Неготино за професионалната соработка и навремената поддршка и во исто време апел до граѓаните доколку  пронајдат и забележат сомнителни експлозивни средства, да не ги допираат и поместуваат, туку веднаш да ги пријават на единствениот повикувачки бесплатен број за итни случаи 112.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.