Д-р Дамчевска Илиевска: „Поход во светот на учењето“
Објавено: 1 септември, 2026, во 10:43 часот
Денес, илјадници деца го започнуваат својот поход во светот на учењето. За нив, секој ден е ново искуство, со нешто ново да се види, дознае, испроба и почувствува. Но овој поход не започнува само во училишната клупа. Започнува со испраќањето од дома и продолжува со пречекот при враќањето. Испраќањето е учење за разделба и охрабрување, а пречекот, учење за прифаќање, радост и заедничко делење на искуството.
Семејството е првото училиште за живот. Во него детето учи како се сака, како се почитува и како се совладуваат предизвиците. Учителите и наставниците пак, се продолжена рака на тоа учење, оние што покажуваат нови патеки, ја поддржуваат љубопитноста и ја поттикнуваат силата на ентузијазмот.
Затоа, драги родители и наставници, да не заборавиме: Детето расте во човек ако секојдневно гледа подадена рака, охрабрувачки збор и искрена грижа. Најважно од се’ е:
Да не го вреднуваме според слабостите, туку да ги следиме и поддржуваме неговите силни страни, дарби и доблести. Тоа што не може и не умее, да го потпомагаме без прекорување и нагласување.
Да го учиме, дека искреноста е повредна од секоја лага, дека простувањето има исцелителна моќ, а мудроста се гради и од пријатните и од непријатните средби, со врсниците и возрасните, што ќе ги има низ животот.
Нашата задача е да засадиме во нивните срца радост и благодарност, чувства што ќе им помогнат да го обнежнуваат светот, а срцата и духот со спокој. Така, рака под рака, ќе ги упатиме кон најголемото царство: самовладеењето, каде нема завист и омраза, туку верба, совест, самосвест и достоинство.
Нека нашите деца растат благодарни, во слога и мир во семејството и во заедницата.
Весна Дамчевска Илиевска
Лиценциран психолог и Доктор на мир и развој

