По 13-ти пат ќе се одржи рекреативната велосипедска тура „Велес мтб тоур 2026“, мотото е: „Возете велосипед, сакајте ја природата!“

Објавено: 15 октомври, 2026, во 14:08 часот

Здружението на граѓани „Велес бајкинг“, во недела, на 25 октомври, ќе ја реализира оваа традиционална велосипедска тура која што е составен дел на манифестацијата „Велешка питијада“. Турата поради лошите временски услови не се одржа изминатиот викенд.

Затоа од „Велес бајкинг“ соопштија дека ја поместија за две недели, поточно на 25 октомври, годинава. Старт на велосипедската тура е во 10:00 часот пред винарија „Шато Сопот“ со рута село Сопот, висечки мост на река Вардар, црква Света Петка, Топилница во Велес, Башино Село и винарија „Шато Сопот“.  

-Турата изобилува со многу интересни активности, се очекуваат преку 200 велосипедисти и 40-на планинари кои ќе бидат директни учесници на овој голем велосипедски настан кој што изминативе години стана препознатлив бренд за рекреативниот велосипедизам во Велес и на целата територија на Република Македонија. Веќе неколку години наназад со поддршката што ја добиваме од Јуроп Хаус Велес го обезбедивме „европскиот дух“ на турата.  Ги покануваме сите вљубеници на велосипедизмот и на лесните планинарски прошетки да земат учество, рече Зоран Јаневски претседател на ЗГ„Велес бајкинг“.

Генерален покровител на настанот е Општина Велес и е поддржан од неколку општествено-одговорни фирми во Велес и пошироко.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.