Засадени 40 дрвца околу спортските терени во Дворови – јубилејот „40 години СМРА Титов Велес“ заврши со врачени благодарници на Штабот на акцијата (фото)
Објавено: 11 октомври, 2026, во 15:01 часот
Четириесет дрвца за неколку часа засадија домаќините и гостите – учесници на манифестацијата со која ЗГ„Акцијаш ветерани“ го одбележа јубилејот 40 години од одржување на Сојузна младинска работна акција „Титов Велес 1986“. Сега спортските терени во месноста Дворови, кај Железен Мост, во Велес се оплеменети со зеленило и комплексот доби нов урбан лик.


Акцијаши ветерани на 12 здруженија на граѓани од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Словенија беа учесници во акцијата откако во бригадирски строј поминаа низ улиците на Велес и оддадоа почит на патронот на Работната бригада „Кочо Рацин“. Освен на споменикот на Рацин, пред гимназијата, која исто така го носи името на поетот и револуционер, делегација свежо цвеќе положи и во Спомен костурницата на загинатите борци во НОВ во Велес.



На свеченост која, вчера вечер, беше организирана во Средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“ Организацискиот одбор на јубилејната манифестација на ЗГ „Акцијаш ветерани“ им додели Благодарници на членовите на Штабот на СМРА „Титов Велес 1986“. Тоа се Кире Марковски, Властимир Јовиќ, Зоран Лазаров, Никола Калпаков, Трајче Папазовски, Јосиф Манев, Елизабета Митрева, Љупчо Лазевски, Кочо Анѓушев, Јордан Камењаров, Слободан Кириќ и Стојанче Лазаревски. Благодарниците на присутните членови на Штабот ги врачи претседателот на Управниот одбор на ЗГ „Акцијаш ветерани“, Јосе Манев.





Претседателот на ЗГ„Акцијаш ветерани“, Горан Петков им додели статуетки, во знак на пријателство и соработка остварени во изминатиот период, на акцијашко ветеранските здруженија од Бела Црква, Смедерево, Кикинда, Јагодина, Ниш и Нови Пазар од Србија, од Бреза и Вареш од Босна и Херцеговина, од Словен Град од Словенија како и од Крива Паланка, Штип, Битола, Скопје и Куманово од Македонија. Добитници на статуетки се и Општина Велес и Сектор за внатрешни работи Велес.





Убавка Јаневска


