ДСУ „Коле Неделковски“ домаќин на 13 Mастер Шефови на светската гастрономија кои им ги пренесуваат своите искуства на учениците угостители (фото)
Објавено: 13 октомври, 2026, во 17:48 часот
Шеф Стево Карапанџа, Шеф Ерик Главица и Драгица Лукин една од најпознатите и најнаградуваните хрватски слаткарки се од Хрватска, Шеф Љупчо Гиевски од Македонија, Шеф Ѓорѓе Костиќ од Србија, Шеф Томаж Возељ и Шеф Изток Легат од Словенија, Шеф Доменико Маџи од Италија, Шеф Уве Мишел, потпретседател на Светска асоцијација на здруженија на професионални готвачи, Шеф Георге Дамијану од Кипар, Шеф Емрах Коксал Сеизгин од Турција, Шеф Хамид Хаџиќ од Босна и Херцеговина, Шеф Вуко Митровиќ од Црна Гора и Шеф Дон Давид од Азејберџан го сочинуваат елитниот гастрономски тим од кого во наредните денови за тајните на светската гастрономија ќе учат учениците од угостителската насока на ДСУ „Коле Неделковски“.
Тие денеска ја одржуваат теоретската настава а веќе утре и практично преку Мастер клас ќе им ги откриваат гастрономските вештини на учениците во кабинетот,поточно кујната на училиштето, рече директорот Горан Богоевски.

-Ова искуство за нашите ученици ќе биде неповторливо. Освен можноста која што досега ја имале овие шефови на светската гастрономија да ги гледаат на малите екрани токму од нив да учат и споделат знаења и искуства. Целта ни е да всадиме љубов кон професијата, би рекол најдобра во светот иако е мачна. Сепак чувството на задоволството што го има секој готвач после подготвениот оброк и впечатоци од дегустираните вкусови на храна искажани преку изразот на лицата се благодети кои што добро ги знаат овие шефови. Верувам дека многу од нашите ученици ќе бидат нивни следбеници, додаде Богоевски.
Ова е проект на кој посветено месец и половина работеле Општина Велес и невладината организација „ГастроМак“ откри градоначалникот Марко Колев. Доаѓањето на светски познатата гастрономска елита во Велес се случува за прв пат и уверен е дека тоа значи многу за градот кој тежнее кон европска и светска промоција на традиционалната храна.
-Многу добро во мојот кабинет се разбравме со Адријана Алачки за потоа таа со Александра Иванова и остантите општински службеници да продолжат да ги осмислуваат сите активности. Добро е што планирањата се поклопија со одржувањето на „Велешката питијада“ и што овие авторитети прифатија да бидат дел и од неа, на придружните манифестации како „Дипломатското котле“. Најдобрата работа е што овие авторитети успеавме да ги поврземе со ова државно училиште за да овозможиме овие прекрасни млади деца кои се образуваат за кувари и келнери да слушнат искуства од луѓето кои што успеале во животот. Добро е кога теоријата се спроведува заедно со пракса, додаде Колев.

За Адријана Алачки, претседателка на Националната асоцијација на готвачи на Македонија и членка на Светска асоцијација на готвачи -„ГастроМак“, Велес со покажаното гостопримство на гастрономската елита станува центар на една гастрономска револуција.
-Мисијата на овој проект е едукација на младите што ја доживуваат во местото во кое се родиле од овие шефови преку пренесување на нивното долгогодишно знаење и искуство што значи многу за нашите деца поточно да ги задржиме во нивниот град. Токму за ова градоначалникот Марко Колев ја даде својата поддршка. Ќе упатам благодарност до него, до тимот на Општина Велес, до ДСУ „Коле Неделковски“ и до тимот на овие светски познати и признати Шефови на гастрономијата, додаде Алачки.

Денеска учениците на угостителската насока на ДСУ„Коле Неделковски“ ги затекнавме при теоретската обука на Шеф Стево Карапанџа.

Тие решија и тест во кој најдобар резултат за подготвување на сосови покажа ученикот Лефче Картинов.

Во групата со најдобро постигнати резутати беа и учениците Елена Стојковска, Николче Саздов, Давор Петковски и Илија Николов. Тие добија награди.

Убавка Јаневска


