Велес добива дигитална алатка за инклузивна демократија која ќе мери пристапност на граѓаните до јавните институции

Објавено: 2 ноември, 2026, во 10:30 часот

Алатката ја подготви Фондацијата Импакт Нет како нов модул, интегриран во мобилната апликација Green Map. На алатката и претходеше анкета во која резултатите се дека 42,9% од институциите што одговориле на прашалникот немаат пристапен тоалет за лица со попреченост, 57% немаат лифт за пристап до услугите на повисоките катови, а кај 43% не постои ниту буџет за подобрување на пристапноста.

Ова се дел од резултатите од мапирањето што го спроведува Фондацијата Импакт Нет преку новиот модул Open Doors Institutions 4 ALL, интегриран во мобилната апликација Green Map.

Пристапноста до јавните институции останува сериозен предизвик за голем број граѓани.

Ова го покажуваат првичните резултати од мапирањето на пристапноста во рамките на иницијативата Digital Green Access, претставени преку промоцијата на модулот Open Doors Institutions 4 ALL, кој е дел од мобилната апликација Green Map.

Со оваа дигитална алатка, Фондацијата Импакт Нет поставува основа за систематско собирање, мапирање и споделување информации за пристапноста на локалните и државните институции, со цел физичките и другите бариери да станат видливи и да се поттикнат конкретни промени.

Во рамките на проектот се идентификувани 80 локални и државни институции, а институциите се повикани самостојно да ја проценат својата пристапност преку јавно достапен прашалник. Паралелно, проектниот тим спроведува сопствено мапирање во четири категории.

Досега се добиени 20 одговори на прашалникот, а сумираните информации откриваат сериозни недостатоци во инфраструктурната, организациската и институционалната подготвеност за обезбедување еднаков пристап до јавните услуги.

Алармантни показатели: институциите сè уште не се достапни за сите

Резултатите од одговорените прашалници покажуваат дека пристапноста не е само прашање на постоење рампа на влезот, туку поширок систем на услови што треба да им овозможат на сите граѓани самостојно и достоинствено да ги користат услугите на институциите.

Според сумираните податоци:

– 42,9% од институциите немаат пристапен тоалет за лица со попреченост.
– 57% немаат лифт, дури и кога институцијата е делумно пристапна, а услугите се наоѓаат на повисоките катови.
– 86% немаат простории за доење или пресоблекување на бебиња, што претставува дополнителна бариера за родителите и старателите со мали деца.
– 43% немаат предвидено буџет за подобрување на пристапноста, што отвора прашања за институционалните приоритети и планирањето на потребните инвестиции.
– 72% немаат обучен кадар за помош и поддршка на лицата со оштетен вид.
– 100% од институциите што одговориле на прашалникот немаат информации на Брајово писмо, што укажува на недостиг од соодветни алтернативни начини за информирање на слепите и лицата со сериозно оштетен вид.
– 100% од институциите што одговориле на прашалникот немаат дефибрилатор за итни случаи.
– 58% немаат план за пристапност, што укажува на недоволно систематски пристап кон идентификувањето и отстранувањето на бариерите.

Овие показатели ја нагласуваат потребата пристапноста да се третира како приоритет при планирањето на институционалните буџети, реконструкцијата на објектите, организирањето на јавните услуги и обуката на вработените.

Недостигот од пристапен тоалет, лифт или соодветни информации може да значи дека граѓанинот, и покрај тоа што физички успеал да влезе во објектот, сепак не може самостојно да ја заврши својата работа. Истовремено, недостигот од обучен кадар и алтернативни форми на информирање дополнително ја ограничува самостојноста на лицата со попреченост.

Посебно загрижува фактот што кај дел од институциите не постои ниту планиран буџет за подобрување на пристапноста, ниту план со кој систематски би се утврдувале и отстранувале постојните бариери.

Резултатите се однесуваат на институциите што одговориле на прашалникот и не треба автоматски да се толкуваат како репрезентативна слика за сите 80 идентификувани институции или за сите институции во државата. Сепак, тие претставуваат важна почетна основа за отворање на прашањето за пристапноста и поттикнување институционална одговорност.



Пристапноста е основно човеково и граѓанско право

Во Северна Македонија, според податоците наведени во рамките на иницијативата, има околу 94.000 лица со одредена попреченост или хендикеп, повеќе од 2.000 лица со оштетен вид и над 6.000 лица со оштетен слух.

На овие граѓани им се потребни пристапни простори, јасни информации и услуги приспособени на нивните потреби. Кога ќе се земат предвид и лицата кои користат помагала за движење, постарите лица и родителите или старателите со детски колички, станува јасно дека пристапноста не е прашање што засега мал број луѓе, туку услов за еднакво учество во општеството.

Скали без рампи, недостиг од лифтови, непристапни санитарни простории и отсуство на информации во соодветни формати можат да оневозможат граѓаните самостојно да завршат административна обврска, да пристапат до јавна услуга или да го остварат своето основно граѓанско право.

„Пристапноста до институциите не е привилегија, туку стандард и основно човеково и граѓанско право!“ е пораката на иницијативата.

Целта на проектот е пристапноста да престане да биде скриен инфраструктурен проблем и да стане видлив демократски приоритет. Институциите треба да бидат места каде што сите граѓани можат самостојно и достоинствено да ги остваруваат своите права и обврски, без да зависат од туѓа помош поради несоодветно уредениот простор.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.