Поголемо вклучување на жените од локалните и руралните заедници во процесите на локално одлучување во Тиквешијата
Објавено: 5 ноември, 2026, во 14:48 часот
На Јавна дебата за поголемо вклучување на жени од локални и рурални заедници во процеси на локално одлучување, вчера доцна попладне , се одржа во Демир Капија со учество на жени од 11 заедници од оваа како и од општините Росоман и Градско. На дебатата организирана од „Женско лоби“ повеќе жени кои живеат во трите општини пренесоа искуства за начините на организација, собирање и разговори за проблемите што ги засегаат и што е најважно, заедничките настапи пред институциите.
-Со вклучувањето во активностите на ,,Женско лоби”, преку средбите и разговорите, ние повеќе се информиравме за можностите и за правата како можеме да предложиме нешто што е важно за нашата заедница. За нас особено е важно што добиваме можност отворено да разговараме за проблемите, да разменуваме мислења и здружено да размислуваме што понатаму треба да направиме , рече Елена Петрова, од село Виничани во Општина Градско.
-Сфативме дека кога сме организирани, нашиот глас многу повеќе се слуша. Нашите предлози ги преточивме во конкретни писмени барања што ги доставивме до Општината, рече Павлинка Илиевска, од Клисурско маало во Демир Капија.
За неа особено значајно е што дел од тие барања биле прифатени и вклучени во општинските планови и буџет. Но, она што за нив е многу важно е дека за дел од доставените барања добиле одговори па така спознале кому треба да се обраќаат, кои барања се во надлежност на општините а кои на други институции.
-Жените веќе многу добро знаат да ги препознаат проблемите, да ги идентификуваат сопствените потреби но немаат секогаш можност нивниот глас да стигне до носителите на одлуки. Токму затоа ние одлучивме да ги мотивираме да бидат поактивни и ситуацијата низ годиниве се менува но сепак постојат препреки за нивно поголемо учество, рече Менче Николова, програмска координаторка на „Женско лоби“
Претставничките на локалните самоуправи соопштија дека вложувале напори, во рамките на можностите, да ги решаваат проблемите во заедниците.
Настанот го организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово, во соработка со Организацијата на жени „Женско Лоби”-Демир Капија, организација што работи на вклучување и мобилизација на жените во овие заедници и нивно поврзување со локалните институции како дел од проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, финансиран од Европската Унија, кофинансиран од Кралството Шведска.
Убавка Јаневска

